Старецот и трите извори вода

voda-naslovna_majkatiitatkoti
Си бил еден човек. Додека бил на сафари го нападнале лавови, се изгубил бегајќи од нив и некако завршил сам сред пустина. Лутал низ пустинските дини, го печело сонцето, го дувале ветриштата, усните му испукале од жед, душата му изгорела за капка вода. По долго пешачење здогледал пред себе оаза, зеленило, палми, живот и поитал накај неа со последните сили во нозете. Кога стигнал до неа, се струполил на колена пред 3 извора вода, до кои бил потпрен еден старец облечен во прашлива наметка. Човекот не го ни отпоздравил старецот, туку веднаш се наведнал над изворите за да си ја угаси жедта. Арно ама, водата во трите извора била многу матна, која од која поматна, па не се напил. Тогаш се свртел накај старецот:
– „Се пие ли водава?“
– „Јас ја пиев. А кога дојдов овде, откако поглаварот на селото на кого му се спротивставував ми ја отру камилата и таа ми умре и ме остави на половина пат, немав ни кого да прашам дали се пие, како што имаш сега ти“, му одговорил смирено старецот.
– „Ама како си можел да ја пиеш, погледни колку е матна!“ нервозно му вратил човекот.
– „Пиев за да преживеам. И еве како што гледаш, жив сум сеуште.“
– „Има ли друга оаза во близина? Некоја со почиста вода?“, нестрпливо го потпрашувал.
– „Не знам. Ако толку многу сакаш да знаеш, тоа би морал да го провериш сам.“
– „Би пробал“, самоуверено му вратил човекот, па додал „А зошто да не? Јас сум храбар и силен човек, од ништо не се плашам… Сакам да се спасам и да му вратам на водачот на сафарито поради кого за малку ќе умрев. Ти зарем тука ќе останеш? Зошто не си се вратил сам во селото? Чекаш некој да дојде да те спаси?“
– „Ќе дојдат, моите соселани, кога ќе сфатат дека навреме не сум се вратил дома. Ако не соселаните, конвој туристи ќе помине. Каде што има вода, таму има и живот и луѓе. Што мислеше ти, кој ја мати водава во извориве, ако не луѓето?!“
– „Ќе умреш старче чекајќи овде!“
– „Би умрел кога би се обидел сам да се вратам, зошто моето село е далеку одовде, а по патот дотаму наместо вода и сенка, има само песок, скорпии и змии. Исто како што би можел да умреш и ти, кога би се обидел да бараш нова оаза со почиста вода за пиење од оваа, затоа што не знаеш ниту колку е оддалечена одовде, ниту дали воопшто постои друга оаза во оваа пустелија. Јас би ти советувал да останеш. Чувај си ја храброста, силата и бестрашноста за да можеме на водачот на твоето сафари, поглаварот на моето племе, заедно да му вратиме. А сега прости…“
Станал старецот, си ги бркнал старечките дланки во водата, си го замил лицето, си пивнал од водата и повторно си прилегнал под сенката да се одмори. После овие зборови на старецот, човекот збунето се исправил на нозе, се почешал по главата, подразмислил и одлучил…

[button color=”#000″ background=”#fff” size=”large” src=”http://majkatiitatkoti.com/prikaski-za-mali-deca/kalina-kosi-page/”]Можеби ќе ве интересира повеќе од истиот автор[/button]

Посетено 1.285 пати