Чедото

Беше стројна и убава. Можеби најубавата во селото. Со 17 години ја омажија за Ристо, момче од 19 години. Така беше тогаш. Татко му на Ристо отиде на печалба и никогаш повеќе не се врати. Мајка му брзо почина од тага. Останаа сами да си ја куќат куќата. Рожби немаа. Ристо замина на печалба по стапките на татко му. Дафина остана сама. Деновите поминуваа еднолично: да се соберат рошки, да се потпали оганот, да се свари чорбата од компири или кромид во котлето, куќата да се замете..

Прво се гледаа молчешкум на поминување на сред село. Ставре од Ванчовци. Полека, полека, се стори и тоа. Една, душа една тело. Додека водеа љубов во очи се гледаа. Кога ќе дојдеше “тоа најубавото“, лебдеше и умираше во неговите прегратки. Со Ристо такво нешто никогаш немаше доживеано. “Каде Ристојце’’ – ја прашуваа сосетките. Шамијата не ја врзуваше под подбрадокот ами оѕади на тилот за да биде полична. – “Да видам дали се стасани пченките“ – велеше. Трчаше во неговите прегратки.

Знаеше дека е тешка. Си траеше и растеше. Еднаш дојде деверот ненајавен. – “Ристојце да ојме на Флорина да го извајме то шчо го имаш на мево“. – “Немам нишчо на мево, на стрејата да им дој на тие шчо зборват“. Се стегаше со скуталиња, ризи и прегачи. Една ноќ истечете водата од неа. Влезе во плевната. Болеше. Го роди. Розево, здраво беше. Машко. Се насмеа нежно. Го гледаше, ја пресече врвцата, нежно му ја обвитка околу вратчето и стегаше. Гледаше горе во распаднатите греди. Помодре чедото.

Врескаше со саати без престан. Почувствува болка во мевот како пак да раѓа. Се напна, ја пикна раката во себе и ја извади постелката. Последното нешто од чедото. Деверот стоеше покрај неа. “Ти Ристојце лежи, јас ќе го зедам ово.“ Се врати по некое време. Ја подигна во раце целата крвјосана ја легна дома во постелата. Замина и ја понесе засекогаш тајната.

“Не и’ сечи глата на Ристојца, не му фатфа глата. Самата си зборва и не клава нишчо на умо“. Шеташе раскубана и раскопчана сред село. Еден ден ја најдоа во реката.

Посетено 6.706 пати