Спроти недела во стариот татков дом
Дома, откако паметувам, пред кандилото
си стои некоја дрвена кутија
и на неа изрезбарено корење и лоза.
Напаѓала прав и го покрила лисјето на лозата,
како онаа темна сета
што го покрива сега лицето на мајка ми.
Во кутијата уште си стои
писмото од татко ми
како некое оладено сонце
и треба само некоја квечерина спроти недела
да се најдеш во својот роден дом
и да почувствуваш тие неуки букви од писмото
вознемирени како чукаат за да им го отвориш прозорецот
за да го напуштиш своето далечно време
и да запловат во бескрај
каде што некогаш
никој не знаел за пепелта!
Анте Поповски
Посетено 894 пати