Иста беше!

Утринава, во автобус. Гужва. Некако спарно. Нозете ме болеа. Искористив момент да го злоупотребам местото за хендикепирани бидејќи сите други седишта беа зафатени. Во принцип е неудобно. Таму седам само кога нема друго слободно место. Скролам на мобилниот по Фејсбук незаинтересирано, кога до мене застанаа дечко и девојка. „Нова протеза?“ – ја прашува. „Да“. „Подобра?“ „Их, каде, каде!“ Весела некоја девојка. Не престана да зборува. Во еден момент ја погледнав, а таа ми се насмевна. Не носеше протеза. Имаше убави бели запчиња. Целата беше убава…

Пет секунди потоа, на следната станица, од некаде извади штака. До неа најверојатно беше потпрена, а јас не ја видов. „Ќорава!“ Си помислив. Ја стави штаката под мишка, дечкото ја фати под рака од другата страна, и полека се симнаа. Останав укочена. „Глупачо! Како можеше?“ Во себе си повторував. „Требаше да станеш! Требаше да видиш! Сите ние, барем некој, зарем никој не виде?“ А потоа си се тешев… Ќе сакаше ли таа да ѝ станам, како што им станувам на постари и изнемоштени луѓе пред крајот од својот живот? Ќе ѝ беше ли непријатно? Ми се насмевна, сигурно не ме гледаше со прекор. Не, не би сакала. Таа беше полна со живот. Таа само сакаше да биде иста како останатите. Да нема посебен третман. И иста беше!

Само јас не бев иста и прашање е дали некогаш повторно на истото седиште ќе седнам. Не ме болеа повеќе моите нозе. Јас барем имав што да ме боли. Ме здоболеа нејзините, нејзината празнина. До коска, до срж ме заболе она што таа го немаше… Протезата нејзина ме заболе… иако не ја ни видов… Ах, само да знаете, колку железото знае да боли! 🙁

Посетено 2.556 пати