Рамка со слика

kufer-pocetna_majkatiitatkoti
Ќе го носиш 9 месеци во стомак, ќе ти се лоши, ќе се дуеш како балон, последните месеци нема ни да спиеш, ќе се изнамачиш додека го родиш, а во моментот кога ќе ти ја пресечат папочната врвка, ќе се почувствуваш како да откинале парче од тебе, ќе почувствуваш и тага што го одвоиле детето од твоето тело и гордост што си го донела на овој свет. Па ќе си помислиш: Каде баш овде, зошто баш тука да го родам? За да ти го оставаат детето да ти помодрува од плачење во градинка по цели денови, оти така сите деца плачеле дур не се навикнат, првите месец-два? Да го држиш во раце со температура додека чекаш со саати да го примат во амбуланта или на специјалист во болница и пак никој да не знае што му е? Да му ставаш марамчиња, сапунчиња, тоалетна хартија во ранец цели 9 години додека оди во основно училиште затоа што по тоалетите освен смрад и бактерии ништо друго нема? Да се нервира додека е во средно училиште зошто за два го утнал бројот на кенгури во Австралија? Да му се тресеш на секое излегување од дома накај училиште или низ маало со точак, да не налета на него некоја недоквакана будала без дозвола? За тоа ли?
А кога веќе нема да биде дете, ако имаш среќа, повторно ќе се мачиш да му најдеш едваj некако каква таква работичка, каде ќе му попуваат неписмени шефови, каде знаењето нема да му се вреднува, каде ќе работи за мизерни пари поради што ќе мораш да му докупуваш, да му даваш џепарац и за цело тоа време да се грижиш: А што потоа, кога ќе треба да оформи семејство, каде ќе живее, со која плата ќе си купи стан, од која плата ќе си плаќа кирија?
Или, ако има среќа, ќе си ги спакува куферите и ќе си го бара чарето некаде надвор, каде нема да мизерува, каде ќе му се цени и наградува знаењето, каде нема да мора да чека од мама и тато за да си купи тоа што му треба, туку и ќе му останува, па ќе може и тој ним да им купува.
А ти, заради неговата среќа, ќе се откажеш од својата, од тоа да го имаш блиску покрај себе, да си го гледаш детето со сопствени очи во живо наместо на Скајп и да си го милуваш со сопствени раце во живо наместо сликите негови. Ќе се откажеш и нема да му кажеш, за да не го растажиш со својата болка по него, а него ќе го пуштиш да си ја бара среќата на некое друго, поубаво место. Во меѓувреме, ќе си рониш солзи секоја ноќ во темнина, тивко и скришно ќе си ја мокриш перницата и ќе се чувствуваш повторно тажна зошто по втор пат го одвоиле детето од твоето тело, откинале парче од тебе, но и горда што си го донела на овој свет и што си го научила како се чекори низ него. И се така, додека мислите не ти натежнат и очите не ти се затворат, ќе си ја милуваш во прегратка рамката со неговата слика и ќе си го поставуваш истото прашање кое си го поставуваше кога го роди – зошто морав да го родам баш тука, во оваа чудесна земја во која папочната врвка се сече два пати наместо еднаш…

cremoso late baner text

Посетено 18.291 пати