Дива лига

Сабајлево кон државен автобус на ЈСП кој застана на автобуска по патници, брзаше човек со една искривена нога, оддалечен десетина метри. Се трудеше колку што може побрзо да оди, бидејќи очигледно не можеше да трча. Шоферов го собра едниот патник од автобуската и си замина, на само метар-два од човекот кој му мафташе за да застане. Да бев јас, било кој друг, ќе си речев – Таква ни била среќата, ќе си го почекаме следниот. Ама да не застанеш на инвалид? Каква стока треба да си?!

Во развиените држави инвалидите се третираат со посебно внимание и почит. Има пристапни рампи секаде каде што е предвидено, изградени по сите стандарди и прописи, а не како кај нас, реда ради, за да по нив потоа ни гуштер не може да се искачи, а камоли лице во количка. Посебни лифтови и помагала за нив има обезбедено исто така. Кога влегуваат во автобус, не мора да мафтаат и да трчаат. Шоферите, па и патниците, се тие кои трчаат по нив, за да им помогнат. Шоферот е должен да стане и да смести лице во количка на за тоа предвиденото место. И секаде, влегуваат први! Ги има насекаде, по автобуски, железнички, аеродроми, метроа, под земја, над земја, на места каде во држава како нашата тие никогаш не би можеле да стапнат. Само кај нас ретко каде ги гледаш. Зошто ние не сме луѓе. Ние сме дива лига. Немаме основна култура. Немаме никакви вредности и манири. Немаме базично сочувство со состојбата во која се наоѓаат другите луѓе, особено инвалидите и старите. Или не ги гледаме, или очи ни бодат кога ќе ги видиме, па најчесто реагираме со „Што мајка бара овој надвор, на пешачки, во автобус, на пазар?!“. Како да само ние имаме право да се движиме слободно. Тажно и поразително е тоа. Проблем вкоренет длабоко во нас, кој за жал не се „лекува“ преку ноќ…

И да, можеби сега немаше да го пишувам овој статус ако човекот брзаше по автобусот. Ќе си речев – шоферот не го виде. Ама тој брзаше кон автобусот одејќи му во пресрет, очи во очи со оној што седеше зад воланот! Го виде, сигурна сум, само што најверојатно му бодеше очи. Во некоја друга, развиена држава, да пријавиш таков настан, шоферот уште истиот ден ќе добие отказ од работа и забрана да се бави со таа дејност до крајот на животот! Кај нас? Никому ништо… Не би ме чудело шоферот и гласно да си го коментирал она „Што мајка бара овој надвор?!“ 🙁

 

 

Посетено 4.560 пати