Престанете да кукате на четворката од вашето дете и да ја барате вината во наставниците за тоа

Под слични импресии по родителски состанок. Без исклучок. Престанете да кукате на четворката од вашето дете и да ја барате вината во наставниците за тоа. Престанете да ги гледате наставниците како луѓе кои треба да го научат вашето дете да ги знае имињата на сите поточиња во Јужна Америка и бројот на овците во Австралија. Тоа што го барате и очекувате тоа и го добивате! Во нив гледате чудотворци кои со инка треба да им сипат милиони банални податоци на вашите деца. Кое повеќе собрало, тоа е цар, најдоброто. Не знам што има со тоа да се гордеете? Вашите деца не се енциклопедии! И не треба да бидат. А наставниците немаат волшебни инки со кои се претура знаењето. Дополнително, чашите ви се преполни. Детето не може да биде и енциклопедија и пијанист и математичар и балетан и физичар и тенисер и јазичар во исто време! Не е талентирано до тој степен колку што вие мислите дека е, за да го праќате да учи се и сешто секој ден. Никој од нас не е. И не треба да биде!

Ми се смачува од ваквите ставови. Како оценката да е се во животот, круната која ќе го краси детето цел живот. Само за оценки се зборува. И тоа во контекст на натпревар. Чие дете од чие е подобро по успехот. Никој не зборува за созревање, за однесување, за односи меѓу учениците, за однос кон наставниците, за непожелни настани, за вознемирување ученици, за практики со кои се истакнуваат разликите меѓу учениците и нивниот статус. Кога ќе научиме што е поважно? Оценките или вредностите? Кога ќе почнеме наставниците да ги гледаме поинаку и да го бараме од нив она што е вистински важно?

Како за промена, гледајте ги како чудотворци кои со волшебна инка претураат вредности со кои од вашето дете треба да направат човек! Па да видиме што ќе добиете тогаш? Полна или празна чаша? Да видиме тогаш чие дете од чие е подобро?

Посетено 624 пати