„Брачна игра“: Корисен брак создава индивидуалци
Во „Македонскиот народен театар“ во петок, на 6-ти мај се одржа прес-конференција на која беше најавена премиерата за претставата „Брачна игра“, која ќе се случи в недела, 8-ми мај со почеток од 21 часот.
На медиумите им се обратија директорот на МНТ, Дејан Пројковски, како и тимот на претставата – Тони Михајловски кој е режисер на претставата, Весна Петрушевска и Игор Џамбазов, што ги толкуваат главните улог, како и дизајнерот Дејан Сидор од модната куќа „Елена Лука“ која беше задолжена за изработка на костими.
– Она што би сакал во најавата да го искажам како голема радост е што, размислувајќи што треба да содржи малата сцена на МНТ, следејќи ги примерите на големите национални куќи, таму има можност да се гледаат големи драми и големи актерски ѕвезди, а„ Брачна игра“ ја остварува токму таа моја желба. Публиката ќе има можност час и половина да ужива во актерската мајсторија на две наши големи актерски ѕвезди, а во режија на Тони Михајловски, уште една наша актерска ѕвезда, но овој пат како режисер. Сакам уште еднаш да им се заблагодарам на тројцата на честа и довербата оваа премиера да се случи токму тука. Веднаш по објавувањето на датумите за премиерата, големиот интерес покажа дека ова е тим што победува и дека МНТ ќе се радува на полни сали на една убава претстава – изјави на самиот почеток Пројковски.
Дејан Пројковски
Тони Михајловски пак, не криеше дека поголема трема има сега, како режисер, отколку кога е на сцена.
– Според мене актерството и режијата одат рака под рака, во соседните земји, тоа на академиите се изучува заедно, кај нас нема таква пракса. Отсекогаш ме привлекувала таа професија која се грижи за големата слика, за естетиката, за правецот на претставата… Да се режираат Игор и Весна е најлесната работа на свет, бидејќи пред сè се искусни актери, стари мајстори и знаат што се бара на сцената и што таа нуди. И луѓе кои ја разбираат до дното актерската игра. Оваа претстава нема да ве фасцинира можеби со нејзиниот изглед, бидејќи суштината е брачната игра. И тоа е поврзувањето помеѓу нашата професија и претставата. Предметот на ФДУ кај актерите е вика „Актерска игра“ и тоа е веројатно единствениот предмет што во себе го содржи зборот игра. И се преклопува во брачна игра. Актерска или брачна игра, не знам што ќе забележите на премиерата, но и двете ги содржи претставата. Олби е многу комплексен човек, кој никогаш не бил во брак, но направил таков текст во кој сите ќе се препознаеме, или ќе препознаете некој што го познавате. И за крај една поента од претставата: „ Бракот не прави од двајца еден, туку од двајца добар брак. А корисен брак создава индивидуалци“ – истакна Михајловски.
Весна Петрушевска или Џилијан, истакна дека ова е проект на кој му се радува и покрај тоа што подготовките биле напорни во секоја смисла.
-Јас уживав во подготовките. Прво, затоа што имаме режисер што многу бара од нас, што нема да ви прости да згрешите дури и запирка, да прескокнете реплика. Нема да прости ако не вратите со иста енергија кога пробувате. Ова беше тежок, макотрпен процес, затоа што Тони нè натера да проникнеме во себе, да се потсетиме што сè сме правеле, кои компромиси сме морале да ги издржиме во нашите бракови, бидејќи имаме по еден зад себе – вели Петрушевска.
Таа додаде дека ако се има предвид дека бракот е основна клетка во општеството, каде сè треба да функционира беспрекорно, па од домот потекнуваат сите работи, претставата дава сосема ново светло:
-Кога ќе дојдете да ја гледате претставата ќе видите дека сè е дисфункционално, како работи сте ги премолчиле, па ќе ви биде криво за тоа… Се обидовме да го играме бракот како што 90 проценти од луѓето го играат – со многу тајни, лаги, вистини. Сметам дека „Брачна игра“ се случува на точно место, со точна цел и луѓе и затоа е нешто на што јас многу му се радувам. Ова е еден од ретките проекти каде што се радував на секоја проба, сакав да покажам сè што знам, да им докажам на овие двајца алфа мажјаци дека можам да се справам со нив, а верувајте не се едноставни, со различни и тешки табиети и многу барања. Ми беше огромна чест што соработувавме.
По долго време и Џамбазов повторно ќе го гледаме на театарската сцена.
-Мене ми е најдраго за оние што првпат ќе ме видат во театарот, затоа што мислам дека ќе им се допадне тоа што ќе го видат. Јас ќе ја паметам оваа претстава по неколку работи. Прво, по тоа што се уверив сам себе дека сум бил во право кога сум одлучил дека нема да се женам по втор пат. Овие трауми што ги преживував додека ја спремавме претставата, ми направија една реминисценција на тоа што ми се случувало во бракот и дека тоа е тоа што ме натерало на таква одлука. Потоа оваа претстава ќе ја паметам и по огненото крштевање на Тони Михајловски како режисер и колку и да ви звучи чудно, јас сум сигурен дека времето ќе покаже дека ќе биде подобар режисер отколку актер, а вие ќе процените колку тоа ќе биде добро. Третата работа по која ќе ја паметам оваа претстава е што месец дена пред премиера костимите беа комплетно готови, беше направена проба за шминка и фризура, декорот беше готов, музиката… Тоа е посебна привилегија за актерите, што ги имаат тие проблеми и во најголемите театри, каде што се чека до последен момент. Можеби е несреќно времето во кое ја правиме оваа претстава, но за мене е вистинско. Уметниците треба да се борат со уметноста – порача актерот.
На крајот се обрати и дизајнерот на модната куќа „Елена Лука“ која се погрижи за костимите во претставата: