Скопска С’клетска Себичност

[fblike]

Патот до самоспознавање секогаш е трасиран со сурови реалности. Реалности кои не сакаме да ги исперципираме од проста причина што не сме спремни да се соочиме со демоните кои излегуваат од плакарите; плакари кои ги имаме скриено во шпајзот, шпајзот скриен зад друг плакар, плакарот во соба која ја користиме како шпајз. Матриошка шема.
Решение за нашето лукаво избегнување на проблемот кој ни се ѕвереше во сурат беше само неговото височество – алкохолот. Добро, можеби за повеќето не, ама за мене дефинитивно да. Една чашка беше само за „на здравје“, втората беше за циркулација, трета веќе знаеше каде да удри. Четири, пет, шест и веќе сите можни чакри ми се отвораа. Портали кон потсвеста ко автопат со пет ленти – која и да ја избереш, ќе згрешиш.
Една лента беше бавна и мачна. Џабе одиш бавно кога вистината ја гледаш на сите страни. Се беше тука на тацна, само процесот тегав. Во брзата лента соочувањето беше на ниво. Петстотини килотони на лајна те маваа од сите страни, ама кратко траеше. Нешто слично на летен дожд и тинејџерски секс – многу интензивно и екстремно кратко.
skopska-skletska-situacija-fail_majkatiitatkoti
„Градов е гомно, луѓево се кретени бесчувствителни!“ – рикнав колку што ме држеше глас.
„Полека бе ајван, не си дома, ќе ги избркаш сите.“ – ми се вдрекна шанкерот.
„Опрај се ти малку, немој така на Петар да му се обраќаш. Он е душата на кафанава. Си има мака човекот, остави го.“ – рече Соња, газдарицата, и му тури на Петар уште едно виски. „Што те мачи, срце?“
„Све ме мачи. Ко да не знаеш?“
„Ова е некоја особено голема болка, чим ти доаѓа да урлаш вака.“
„Немам сили да го негувам сивилото на градов. Не сакам повеќе да учествувам во масовниот геноцид на душите скопски. Души кои му даваа топлина на градот, а кои сега му ја цицаат енергијата. Затоа е сив. Затоа!“
„Есен е душо, тмурно е, а ти си малку пијан, ништо страшно.“
„Абе лесно ти е тебе, ти во секој гледаш добро, ама јас си ја истрошив таа енергија – сега гледам директно низ срањето со кое сакаат секојдневно да ме хранат.“
„Тања, ај дојди седни до детево, расположи го малку, грев ми е вака да го гледам,“ – викна Соња до нововработената келнерка.
„Не сум за муабет, батали.“ – реков скршено и скрнав голтка од вискито.
„Како може да те развеселам?“ – среќно праша Тања, полна енергија.
„Да ме развеселиш? Никако. Гледаш ли дека сум скршен? Дека го мразам градов кој еднаш ми даваше енергија и волја да живеам, а сега ме гуши со смогот од его, ароганција и човечка глупост.“
„Де бре, ептен поетичен за 7 саат навечер.“ – на смеа се обиде Тања да го разведри муабетот.
„Што ти е па тебе толку убаво во градов?“
„Убаво ми е на работа. Убави ми се луѓето со кои работам. Се’ ми е убаво.“
„Мала си, ќе се смени тоа, ќе се разочараш бидејќи ќе те разочараат. Дај Боже да не сум во право, ама ќе сум и ќе видиш дека е така.“
„Е што треба, уште од сега да паѓам во депресија што најблиските ќе ме заебат со тек на време? Што па тебе ти се случило што толку си огорчен?“
„Себичноста скопска с’клет ми ствара. Многу едноставно.“
„Што е себично во скопскава сцена?“
„Све по список. Луѓето те бараат само кога им требаш, љубов се дава само кога се мора, логиката е сведена на минимум, лицемерието владее, лошотијата цути.“
„Некако ми се многу рандом расфрлани реченициве и изјавиве. Нешто конкретно да кажеше?“
„Оној онаму дечко ти е?“ – праша Петар и покажа со прст кон диџејот.
„Да, од каде знаеш?“
„Говор на тело. Секогаш скенирам све. Небитно. Она до него е неговата ‘најдобра’ другарка, така?“
„Да, од кај па сега тоа го сконта?“
„Да погодам, таа брзо многу се зближи со тебе, така? Многу те сака, срцка си и?“
„Осеќам ироничен заклучок.“
„Не бе, зошто? Реален ќе ти дадам. Не викам значи дека е така, ама… АМА… што ако дечко ти те вара со другарка му. Што ако те гледаат во очи мртви ладни, а зад грб се рокаат ко фоки? И ти се смеат после тоа тебе. Што ако твојата најдобра другарка исто така знае и не ти кажува ништо, од проста причина што сака да мислиш дека се’ ти е супер, само за кога ќе дознаеш да си мизерна и да и’ плачеш нејзе, а таа да ликува пошто си ти попатетична од неа. Што тогаш? Како ќе го гледаш градов?“
„Прилично проклето ќе ми изгледа.“
„А ако и после такви пиздарии почнеш да среќаваш мажи кои се спремни да се отворат пред тебе за сите нивни проблеми, да ти ја отворат душата искрено бидејќи те разбираат низ што си поминала и дека они од истото си патат и сакаат да имаат квалитетна личност ко тебе покрај нив?“
„Ќе ми се врати за момент надежта.“
„И ќе ти умре за секунда кога ќе дознаеш дека тоа го прават само за да те легнат. Ќе ти биде дозакопана кога на работа ќе почнат да те местат за работи кои не се ни твоја кривица. Ќе ти биде затрупана под пет тони ѓубре кога нема да најдеш разбирање ни кај најблиските, кога ќе сакаш да се изолираш од сите за момент за да ја разбистриш главата, а тие ќе те обвинат дека ги избегаваш и дека глумиш пичка. Ќе ти пропадне надежта до центарот на светот кога ќе видиш дека има еден тон луѓе кои се очајни за внимание и само си играат со тебе бидејќи им е досадно. Е тогаш ќе дојдеш и ќе седнеш тука до мене, ќе ми се придружиш уз пијачка и ќе можеш да ме разбереш.“
„Добро како ги гледаш ти луѓево околу тебе?“
„Лоботомизирани од чувства, декомпресирани од сништа, ослабнати од грижа, заљубени сами во себе.“
„Сакаш да знаеш јас како ги гледам?“
„Како?“
„Среќни, насмеани, креативни, полни со елан и со цел живот пред нив. Сакаш сега да ти кажам што кажува таа наша различна перцепција за градов?“
„Што?“
„Кажува какви сме ние реално и каква проекција вршиме на другите. Описот твој на луѓето околу тебе. Тоа си ти. Ти си себичен и с’клетосан. Еве ти уште една пијачка од мене, ептен ти треба.“

Извор: 
fail mk logo

 

Посетено 1.774 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!