Женски рулет – прв дел

zenski-rulet-1-pocetna_majkatiitatkoti

Кире отсекогаш знаеше дека е различен од другите. Имаше нешто во него што го одвојуваше од нормалните луѓе, нешто што постојано го кочеше да се вклопи во средината во која живееше, но никогаш не знаеше што точно беше тоа.
И врските и односите со пријателите му беа чудни. Се случуваше постојано да излегува со милион луѓе одеднаш, но знаеше и да се исклучи од светот со недели. За некои мистериозен, за други чуден, за трети дури и забеган, Кире беше човек кој секогаш знаеше да изненади, и позитивно и негативно.
„Знаеш кој ми се јави вчера бе?“ – рече Тања сè уште не можејќи да поверува на повикот во 12 часот навечер.
„Кој?“ – праша Светле забележувајќи го чудниот израз на лицето на Тања.
„Кире!“
„Што збориш бе? Ау, да не почне да врне метеори надвор? Што така му текнало на уважениот господин?“
„Не знам. Беше истрипан како и секогаш, почнал да се осознава пак, замисли!“
„Тој не е арен во главата ама ај. И што сакаше?“
„Сакаше да се видиме. Сите ама.“
„Харемско издание? Он плус сите пет жени?“
„Нормално. Но она што не е нормално е дека не сакаше да излеземе во град, туку нè викна дома кај него.“
„Домашна журка?“
„Сериозен муабет!“
„Добро сега веќе ме фаќа страв? Да не планира да нè шитне у странство за органи?“
„Среди се, ма и гризни јазик!“
„Де бре па и ти опушти се малку, гледаш се зезам. Не знам како да реагирам на неговите глупости повеќе, ебате заебаните уметници, сите се швркнати.“
„Како и да е, допиј кафето и трк дома да се спремаш, нè чека кај него во 8.“
„Вечерва? Еј не ме зезај не можам вечер, договорено имам.“
„Со кого си договорена мори? Ич не ми е гајле, откажи со кого и да си!“
„Абе со Ангел конечно се договорив после сто години, не ме јеби!“
„Презакажи му за утре, повеќе ќе те почитува така, да знае дека не си и ти на лагер кога ќе му прдне. Ќе видиш, повеќе ефект ќе има така.“
„Не може. Ќе се заебам после, па ќе треба и на тебе и на Кире да ви ја скршам главата!“
„Нема проблем, не доаѓај, ама ТИ да му се јавиш на Кире и да го одјебеш, јас немам намера да изигравам расипан телефон!“
Светле го зема мобилниот и му заврти на Кире. Иста приказна како и секогаш – наместо таа да го откачи него, тој ја убеди да дојде и да го откачи Ангел. Само што спушти ја забележа самозадоволната насмевка на лицето на Тања – таа знаеше дека Кире ѝ е слаба точка и дека ќе потклекне на неговите зборови. Се мразеше поради тоа.
„Тијана ми ѕвони,“ – рече Тања – „што да ѝ кажам?“
„Кажи ѝ да им пренесе на Фросина и на Кате и да дојдат директ кај Кире дома. И нека купат нешто за пиење.“
„Абе Кире секогаш има нешто за пиење, што ти е.“
„Абе не е на одмет, па и ти, нека си има. Нека земат вино.“
Тања кимна потврдно со главата и се договори со Тијана за вечерта. Светле стана без да каже збор и си отиде. Тања остана сама со своите мисли. Последен пат кога го виде Кире беше некако депресивен, збореше многу двосмислено, рече дека нешто подготвува, нешто што ќе ги шокира сите, уште еден негов експеримент.
А често знаеше да си прави такви експерименти. Експериментираше со својата, со туѓата психа. Манипулираше со чувства, манипулираше со доверба, со луѓе. Но не манипулација во класична смисла на зборот, не. Не го користеше оној контекст на манипулација за свои себични потреби. Едноставно секогаш знаеше да каже тоа што другите, па и тој самиот, сакаат да го слушнат. Тоа му беше начинот да увиди до кој степен може да им продава „муда за бубрези“ на луѓето пред да му залепат една воспитна и да го стават во место.
baner-igor-forza
——————————————————————————————————————————————————————————————————————————————————————–
Вечерта се собраа сите кај него. Ги седна сите на трпезариската маса им тури вино и им стави од шпагетите со сос кој ги имаше подготвено. Секогаш готвеше кога беше нервозен, па тоа уште толку им влеа паника на девојките бидејќи не знаеја што можат да очекуваат од него.
Ги покани да почнат да јадат и почна да зборува. Им кажуваше како еден ден сè му дошло преку глава и решил да отиде до Охрид на неколку дена за да слика и малку да си го испасе мозокот. Додека бил во Охрид случајно запознал некој господин од Холандија кој бил на некоја конвенција на психотерапевти и кој бил страшен вљубеник во сликарството. Хајнц, воодушевен од ставовите на Кире и заинтригиран од неговата уметност го поканил да престојува на неколку недели во неговиот голем дом во предградие на Амстердам, а за возврат побарал да му подари слика која би ја направил специјално за него, по можност од лалиња кои му биле омилени цвеќиња. Кире како Кире веднаш прифатил и без размислување заминал со Хајнц уште наредниот ден.
„Финтата беше што откако почнавме да правиме муабет сфатив колку малку имам работено на себеси во последните неколку години и дека ми треба работа со терапевт. Тој не сакаше да работи со мене бидејќи веќе се здруживме, но затоа ми ја препорача жена му. Да не го тупам многу со детали како што обично знам, по многу часови поминати на терапија, сликање, дроги, жени и слично, јас дојдов до заклучок дека морам да почнам да си го средувам животот и затоа ве викнав сите тука. Сфатив дека оваа комплексна ситуација која што ја имам со ова друштво ми е најголем предизвик и како што ме дал Господ, секогаш сакам да почнам со најголемиот предизвик.“
„Комплексна ситуација со ова друштво? Ти да не си уште на дроги?“ – збунето праша Тијана.
„Јок. Потрезвено никогаш не сум размислувал.“
„Добро ќе ни објасниш што е толку комплицирано во нашава ситуација, или само алудираш на тоа дека ние сме комплицирани од проста причина што сме жени?“ – низ смеа искоментира Кате.
„Или тоа, или он знае нешто што ние не знаеме,“ – дофрли Фросина.
„Десет поени за Фросина,“ – рече Кире и се насмевна. „Сега ќе ви фрлам бомба во неколку реченици, а потоа би сакал со секоја од вас посебно да зборувам на темата, бидејќи, поради деликатноста на ситуацијата, ако почнеме да дискутираме отворено и во група, сè има да отиде у курац.“
„Добро сега мене почнува да ме фаќа паника,“ – нервозно рече Светле и почна да си ги грицка ноктите.
„Ајде бекни, не го тупи сто саати со воведи,“ – пресече Тања.
„Значи вака: пет години веќе се дружиме прилично интензивно и за тие пет години се случија доста работи. Многумина од вас повеќето работи ги знаат, други знаат нешто, трети не знаат ништо. Сума сумарум – состојбата е ваква. Во една од вас јас сум затрескан уште од првиот пат кога ја видов, втора е затрескана во мене и мисли дека не знам, трета ми е бивша, а другите не знаевте, со четвртата се имам плеснато, а петтата ми е единствената вистинска другарка помеѓу вас.“
На Светле ѝ падна виљушката од уста, Тања бледо го погледна, Кате се насмевна, Фросина го спушти погледот надолу, а Тијана комплетно се збуни.
„Јас ништо не разбирам,“ – едвај успеа да промрмори Светле.
„Јас совршено разбирам,“ – рече Тања – „но она што не можам да разберам е како тоа ние сме другарки, а јас појма немам за овие работи?“
„Очигледно тие што си ја имаат мувата на капата мудро си ќутеле!“ – рече Фросина.
„Извинете луѓе ама мене ова ми е многу смешно,“ – рече Кате и почна да се кикоти. „Отсекогаш се сомневав дека од нашево дружење ќе излезе некоја шпанска серија, ама не верував дека едниот и единствен наш другар ќе го вклучите во љубовен шестоаголник.“
„А ти демек со коментаров веднаш пробуваш јавно да се издиференцираш дека не си ни бивша ни мувачица?“ – иронично искоментира Тијана.
„Од каде знаеш може јас сум и бившата и ебачицата и сè во едно!“ – рече Кате и почна да се држи за стомак од што не можеше да се соземе од смеење.
„Ти телетабис еден, сместа да ја расчистиш пиздаријава што ја направи тука! Одма кажувај која е која пошто очи ќе си ископаме за ништо.“ – рече Тања.
„Правилата ви ги кажав, сите може да добиете одговор, ама посебно и крај. Ако имаш желба ти можеш прва да дојдеш.“
„Не може! Јас последна ќе одам!“
 „Добро тогаш јас прва ќе идам,“ – рече Светле и го фати Кире за рака и го однесе во спалната.
Тања стана пушти гласна музика и отвори уште едно вино. Ова ќе биде долга ноќ, си помисли во себе и беше во право. Една по една во спалната влегоа и излегоа сите девојки. Некоја седеше петнаесетина минути, некоја половина час, некоја и повеќе, но сите излегуваа без зборови, смирени и никоја од нив не сакаше да сподели со другите за што точно зборувала со Кире.
Поминаа сите и на крај дојде ред за Тања. Кире излезе и им кажа на другите да си одат и ѝ рече на Тања да остане. Другите без да се побунат или постават прашање само станаа, се облекоа набрзина и веднаш ја му здувнаа низ вратата. Тања остана збунета. Таа беше тип на женска која секогаш сакаше да знае што се случува, сакаше да има контрола врз ситуацијата. Наоѓајќи се во ваква беспомошна ситуација каде што нема информации за ништо придонесе да се чувствува многу слабо и ранливо, и реши да го крене гардот.
„Добро дали си ти нормален? Што се случува овде!“
„Полека, смирено. Кажав уште на почетокот – почнувам да си го средувам животот, намалувам на круг на луѓе со коишто сакам да поминувам време и гледам кои ми се вистински другарки, а кои сакам да ги легнам и да не си трошам време со нив повеќе. А, и за малку ќе заборавев. Гледам и која сметам дека би ми одговарала за девојка.“ – рече Кире и се насмевна.
„Жими мајка ти викам, ако ми се пуштиш има да јадеш бокс у сурат и клоца у муда, стоко една напалена. Цел живот ли со курот ќе мислиш?“
„Уживај и почни да поставуваш конкретни прашања за да можам да ти дадам конкретни одговори и да ти ја разјаснам целата ситуација.“
„Сместа да си кажал која е која!“
„Никоја не е никоја,“ – рече Кире и се насмеа.
„Не те разбирам.“
„Така, многу едноставно, сите ми сте другарки, а сè што кажав на вечерва си измислив.“
„Зошто побогу би измислил такво нешто будало низаедна?“
„Уствари не, лажам, само едно е точно, дека има една што ја симпатишам одамна.“
„Која?“
„Тијана.“
„Знаев! Отсекогаш си се летал по најзгодната и емоционално најретардираната,“ – рече Тања и се прсна од смеа. „Уф, ќути, мислев ќе ми кажеш мене дека ме свиѓаш, нокти ќе ти откорнев. Ќе морав после да те тепам и да те одљубувам од мене пошто планирам да се дружиме до крај на живот – милум или силум.“
„Ти реков уживај. И за тебе знаев дека ти си таа со која што ќе продолжам да се дружам, ама морав да се осигурам.“
„И кој кур ти текна жити се да измислиш вакво сценарио?“
„Па вака. Како прво, сакав да видам вие какви другарки сте и какво мислење вие имате една за друга за да знам со кај можам да останам другар, а со која неа. И следствено на тоа, пошто сте друштво на згодни женски – која можам да ја плеснам, а која неа.“
„Тежок кретеноид си, само да ти кажам.“
„Сум. Знам.“ – се насмевна Кире.
„И, певај ајде, што се дешаваше во собана со саати?“
„Епа со две имав секс, на едната ѝ кажав дека нема да може повеќе да се дружиме бидејќи ме свиѓа премногу, а јас неа не, а со четвртата договорив  да се видиме друг ден, да „правиме муабет“ на раат.“
„МОЛАМ! Добро дали си ти нормален?“ – праша Тања и почна да се смее како зелена.
„Не сум.“
„Како успеа ова да го направиш, жити сè просветли ме.“
„Епа вака. Многу едноставно. Прво влезе Светле. За нејзе од секогаш знаев дека ме симпатиша и дека реално само проблем ѝ правам што се дружам, па решив да ја искористам за информации и да бидам фер и да и кажам дека нема да можам да се дружам повеќе со неа.“
„И?“
„Влезе срамежливо и си тури уште една чаша вино. Седевме така неколку минути без збор да кажеме и на крај ме праша – добро сега ќе си ќутиме цела вечер? Јас ѝ реков, не, ти си таа што треба да ми поставува прашања. И она почна, добро ја знам со сигурност дека не сум ти бивша и дека не сме имале секс, така да, ме интересира која ти е бивша и со која се имаш плеснато. Јас ја прашав, добро која мислиш дека ми е бивша, а со која мислиш дека сум се плеснал и ми одговори дека Кате отсекогаш зборувала за мене убави работи и била воодушевена од мене, а Фросина два-три пати на пијано рекла дека да не ми била другарка дека би ме плеснала.“
„И да погодам, ти ѝ рече дека е така, дека си затрескан у Тијана и дека ја сум ти најдобра другарка и ги искористи тие информации за кај другите?“
„Аха! Потоа влезе Кате, за нејзе знам дека не се мириса ич со Фросина и дека секогаш бркаат ист дечко и ѝ кажав дека неа ја симпатишам одамна, само пошто Фросина ми е бивша, ми љубоморела и не ми давала да ѝ се пуштам. Она без да дослуша што имам да кажам за другите само ми се фрли и се плеснавме, и ми рече дека кога сакам можам да ја барам, само да не ѝ кажувам на Фросина.“
„Боже мили, каква кокошка! Да погодам, со Фросина го искористи обратниот момент?“
„Да. Само ѝ кажав дека Кате ми е бивша и се случи истото!“
„А Тијана?“
„Нејзе исто ѝ реков дека Кате ми е бивша, а Фросина мувачица, но дека расчистувам со нив и дека неа ја симпатишам и ми рече да се видиме утре на само и да зборуваме!“
„А јас гојдо?“
„За тебе веќе утврдивме дека си ми најдобра другарка и дека само со тебе ќе останам да се дружам.“
„Аха. А што правиме што ја сум од прв ден заљубена во тебе кретену еден бесчувствителен!“ – врисна Тања, му ја истури чашата вино на Кире во лице и стана, и бесна си отиде.
Кире остана со отворена уста и си помисли – од женскиов рулет, прописно си го попив куршумот на последнава рунда!
продолжува…
Извор | Fail.mk
Расказот е извадок од романот – Исповеди на еден психотичен ум

[button color=”#000″ background=”#fff” size=”large” src=”http://majkatiitatkoti.com/author/psihotichen-um/”]Можеби ќе ве интересира повеќе од истиот автор[/button]

Посетено 1.144 пати

Психотичен Ум

Психотичен Ум

Vladimir Ristevski (Psihotichen Um)