Сопатник

sopatnik-pocetna_majkatiitatkoti[fblike]
Утринава повторно
в постела се разбудив
покриена со него.
Се измив со неговото лице
распрскано во капките вода.
Со неговите прсти
како со чешел
косата ја исчешлав.
Неговиот одраз го допрев
во заматеното огледало.
Во неговата сенка се облеков.
Вратата ми ја отвори како сениште.
И излегов.
На раце ме изнесе.
Го преминав прагот
по кој знае кој пат.
А потоа цел ден неуморно
јас влегував, тој излегуваше.
Се разминував со него по вратите.
Се стискав со него по лифтовите.
Тој ме следеше по ходниците.
Им ги крадеше
лицата на соговорниците.
Како чучулига ме надлетуваше.
И ми зборуваше
ме задеваше
ми глумеше
ми се додворуваше.
А јас во исто време
додека тој ми досадуваше,
го сакав,
го потпевнував,
името му го испишував
па го прешкртував,
го мислев,
го бркав, па го повикував,
го дишев и живеев,
го колнев и молев,
да ми оживее.
Не ме послуша.
Утре повторно
в постела ќе се разбудам
покриена со него.

595х90 px-01

Посетено 751 пати