Повторување по Геoграфија
Мене ме заинтересира, можеби и некој од вас ќе сака да се потсети.
ХИПОЦЕНТАР е жариштето на земјотресот под земјата, местото каде се случува, каде се поместуваат тектонските плочи. Може да биде на разни длабочини, 5, 10, 15 км… Јачината на земјотресот под земјата (ослободената енергија) се мери со Рихтерова скала која има 10+ степени (до 2.0 микро потреси, 2.0-2.9 мали, 3.0-3.9 лесни, 4.0-4.9 слаби, 5.0-5.9 умерени, 6.0-6.9 силни, 7.0-7.9 големи, 8.0-8.9 огромни, 9.0-9.9 катастрофални, 10+ епски). Скалата е логоритамска, што значи дека лаички се оние мислења дека е мала разликата меѓу земјотрес од 5 и 6 степени. На пример, земјотрес од 6 степени има амплитуда на тресење 10 пати поголема од земјотрес од 5 степени и ослободува 32 пати поголема енергија, што ќе рече, голема е разликата и меѓу земјотрес од 5.1 и земјотрес од 5.2 степени, а камоли од цел еден степен.
ЕПИЦЕНТАР е местото на површината на земјата каде земјотресот најсилно се чувствува. Почувствуваноста т.е интензитетот на земјотресот на површината на земјата се мери со Меркалиевата скала која има 12 степени (1-незабележлив, 2-занемарлив, 3-слаб, 4-умерен, 5-прилично силен, 6-силен, 7-многу силен, 8-разорен, 9-опустошувачки, 10-уништувачки, 11-катастрофален, 12-катаклизмичен). На секој степен одговара соодветен опис на тоа како се чувствува земјотресот на површината на земјата и какви последици може да има. Колку е некое место поодалечено од епицентарот, толку интензитетот по Меркалиевата скала опаѓа.
Земјотресите не можат да се предвидат, но според следење на историски податоци на нивна зачестеност, утврдени се некои обрасци на фреквенција на нивно јавување во одреден регион. На пример, вчера чувме дека земјотресите од категоријата умерени (како вчерашниот од 5.3 степени) се јавуваат еднаш во 100-150 години.
Постојат т.н. предвремен, главен и повратен удар (афтершокови). Кој земјотрес е кој удар се утврдува најсигурно дури кога потресите ќе се стабилизираат. Таква ситуација имавме вчера. Утринскиот удар од 3.9 степени се сметаше за главен, се додека не се случи посилен земјотрес од 5.3 степени попладнето, по што утринскиот стана предвремен (предвесник) на главниот – посилниот удар. Да се надеваме дека главниот удар од 5.3 од вчера, ќе остане главен, а другите по него вклучително и оние денес, повратни.
Е сега, дали еден земјотрес ќе има разорни последици или не, зависи и од видот на почвата, населеноста, а во поголема мера од времетраењето и длабочината на хипоцентарот. Вчерашниот земјотрес од 5.3 степени по Рихтер се случил на длабочина од 10-15км. Да бил хипоцентарот поплитко, најверојатно и интензитетот на површината и последиците би биле поголеми. Само за споредба, летово во Италија земјотрес од 6.2 степени по Рихтер срамни цел град со земја, ама хипоцентарот бил на само 4-5 км длабочина. Исто така и скопскиот земјотрес во 1963 бил со јачина од 6.1 степен по Рихтер, на длабочина од само 5-6 км и траење од цели 20 секунди. Интересно е да се знае дека Скопје неколку пати бил срамнуван со земја од земјотреси. Во 518 година Скупи бил разурнат од катастрофален земјотрес. Во 1555 година исто така имало земјотрес кој уништил дел од Скопје. А потоа и оној од 1963. Во 1904 во Пехчевско имало земјотрес од 7.8 степени, најсилен измерен досега на Балканот. Инаку, најсилен земјотрес забележан на сеизмограф во светот е оној во Чиле од 1960 година од 9.5 степени. Се претпоставува дека посилни земјотреси имало во историјата на планетава, на пример, дека ударот на астероидот поради кој изумреле диносаурусите предизвикал земјотрес со јачина од 13 степени. Земјотрес со јачина од 15 степени се смета дека најверојатно целосно би ја уништил планетава.
Бидејќи ме интересираше, а не сум експерт, плус вчерашните експерти на телевизија не ги разбрав баш баш, читав денес доста на темава и многу работи ми станаа појасни. Дај Боже конечно да ни се смири тлото под нозете, а дотогаш, да се молиме евентуалните земјотреси да бидат што послаби, што подлабоки и што пократкотрајни, за да можеме што помалку да ги почувствуваме на површината.
Посетено 2.236 пати