Опашка
Во една мила и чудесна земја…
– Си плаќаш радиодифузна такса, МТВ не гледаш.
– Си плаќаш пензиско осигурување, а не знаеш дали ти е уплатено и дали утре обезбедена пензија ќе си имаш.
– Си плаќаш огромни сметки за струја, иако си чул дека комшијата и многу други не плаќаат, оти некој си таму отпис на долгови им прави.
– Си плаќаш придонеси у Фонд за здравство, со саати на ред чекаш во чекална, или со месеци да ти закажат на Мој термин.
– Си плаќаш парно, на парно не се грееш.
– Си плаќаш ѓубретарина, кантата за ѓубре сам си ја изнесуваш и прибираш.
– Си плаќаш за вода секој месец исто, иако знаеш дека цел месец не си бил дома.
– Си плаќаш кобајаги партиципација за лекови, а всушност си свесен дека си го плаќаш лекот во полн износ, иако е на рецепта.
– Си плаќаш луди сметки за мобилна телефонија, иако знаеш дека ниту роаминг си користел, ниту на интернет си сурфал.
– И се така, си плаќаш и си плаќаш…
Па каде на друго место и покрај тоа што се си знаеш, си ја виткаш опашката и си продолжуваш да си плаќаш, освен во оваа мила и чудесна земја? Тоа е исто како да си платиш цела количка продукти во маркет, па да им ја оставиш, да си тргнеш накај дома со празни раце и уште на излегување да им кажеш – задржете го кусурот и фала ви многу што останав ем без продукти, ем без пари. Многу мил и чудесен народ сме си ние, од оној каков што секој „газда“ посакува за да може лесно да го команда – исплашено кутре со свиткана опашка!
Посетено 869 пати