ПОГЛЕД ОД НИЧИЈА ПЕРСПЕКТИВА

obratno selfie

Тастатурите куцаат тажен синопсис
за секој поминат пасус.
Очила со дебела црна рамка,
диоптерот – телескоп,
пепељарата полна со осакатени фасови,
исто ко мртви ѕвезди.
Бироата знаат да бидат авении,
кога ламбите уживаат да бидат кандилабри.
Летаат зборови ко отисоци од тонерот,
го спремаат листот да падне во својата ќелија,
да си ја измие вината.
На дното во шољата за кафе
спие останата голтка вињак
која сјае како уље на асфалтот,
како жедна фатаморгана.
Грлото е номад,
а алкохолот лубрикант на душата.
Кога виугите се спремни за порно,
кога погледите болат од синергија,
нека остане проред,
или уморни три точки.
Тастерите лудуваат ко кастањети,
а зад ролетната се одвива попладне.
По којзнае кој пат.

Посетено 605 пати