Најсилни сме кога немаме друг избор освен да бидеме силни…

najsilni-sme-koga-nemame-drug-izbor-osven-da-bideme-silni-1Го држам во рацете гледајќи ја играта на снегулките во дворот од мојот прозорец топлиот чај кој ми ги грее рацете наместо него. Во минатото го пиевме заедно, има вкус на љубов, но арома на оставање.
Тонот на лимон во него ја одразуваше нашата љубов, интересна, но сепак кисела.
Пареата ми удри во лице, ми ги отвори порите, а богами и очите кои започнаа да се насолзуваат, но се прашувам зошто кога веќе болката е стара.
Тогаш се запрашав, зарем болката навистина може да застаре или само отрпнува со годините, но боли со ист интензитет кога срцето ќе се потсети на неа?
Доколку е така посакувам да останам негова болка засекогаш! Можеби е сурова желбата, но ја заслужува да му се исполни.
Беше тоа последниот ден кога го видов како се оддалечува од мене со куферите во рака, откако го испивме последниот чај заедно за кој не знаев дека ни е последен. Да знаев ќе ја тегнев секоја голтка во устата само за остане со мене подолго или воопшто немаше да се напијам.
Беше тоа ден кога го гушнав најубаво, цврсто, да знаев дека е последен пат, ќе го гушнев поцврсто или воопшто немаше да го гушнам.
Замина во друга држава на неколку дена со изговор дека сакал да се оддалечи од нашиот град кој го мразеше, сакал да размисли со ладна глава за животот, да го вкуси светот повторно и да се врати во моите прегратки со полни гради надеж како некогаш.
Се запрашав, зошто не ме поведе со него? Зарем мене не ми е потребен чист воздух во кој не се вмешани лошотилокот и простотата на луѓето околу нас кои имаат ограничен менталитет?
Зарем мене не ми е потребна надеж? Замина…
Поминаа тие неколку денови, се качив во автобус и заминав на аеродром да го пречекам. Додека се возев на последното седиште каде што тркалата удираа најповеќе, заспав, не ми пречеше тоа нивно потчукнување, го обожавав.
Стигнав на аеродром десет минути порано од неговото пристигнување. Останав на аеродром еден час плус десет минути, тоа се час и десет минути изгубено време од животот во чекање на нешто што никогаш нема да се врати.
Во сечие лице го барав, сечиј од ми наликуваше на неговиот, но ниеден од нив не беше тој.
Знаев дека нема да дојде во длабочините на моето уверување дека ќе се појави во последен миг, си заминав, тој последен миг никогаш не го дочекав.
Се вратив во нашиот заеднички стан и седнав на креветот, молчаливо си направив чај, од оној нашиот и седев очекувајќи во секој час да влета низ врата со изговор за неговото доцнење.
Но, ништо не се случи, вратата немо се џареше во мене, како да се прашуваше што толку очекувам од неа, зошто ја гледам постојано.
Поминаа неколку денови, сфатив дека ниеден изговор не би помогнал сега. Знаев дека не му се случило ништо лошо бидејќи рецепционерката од неговиот хотел каде престојуваше ми кажа дека се уште е таму кога се јавив во 4 часот наутро вечерта после долгото зјапање во вратата.
Деновите ми изминуваа во друштво со чајот и вознемиреноста измешана со тага кои ги давев во киселата течност која ме потсетуваше на неговите бакнежи.
Повторно ја кренав слушалката, но овој пат побарав да ме поврзат со неговата соба, се јави некоја девојка со танок глас, грациозен глас кој делуваше како да му припаѓа на ефтина фина проститутка која што туку имала секс со моето момче.
Не сакав тој да го почувствува моето понижување и разочарување и спуштив.
Утредента добив писмо составено од само неколку зборови кои никогаш нема да ги заборавам,“Се заљубив, мила, те молам прости ми, но мислам дека ја пронајдов љубовта на мојот живот.”
Каков идиот, беше тотално искрен и во моментите на ужас, се гордеев со неговиот карактер, но го мразев истовремено.
Си направив чај повторно, но наместо да го испијам во него го потопив писмото сакајќи да ги удавам неговите зборови во жешката шолја.
Живеев од ден на ден, како ништо да не се случило, како да не сум мртва одвнатре, бев трула.
Еден ден на мојата врата заsвона некој, си помислив дека е поштарот кој го замразив откако ми го донесе писмото кое ми го уништи животот, но не, тоа беше тој.
Мојот сакан кој мирисаше на одвратност, самосожалување и ужас. На раката носеше прстен, не се изненадив, се верил, нека му е со среќа, а можеби веќе направил и свадба. Но, што бара на мојот праг, нашиот поранешен праг кој некогаш го поминувавме во заеднички чекор?
Здраво, ми рече, молчев. Сакам да зборуваме, молчев. Сакам да ми простиш, молчев. Сакам да ти се вратам, молчев. Те молам проговори ми, молчев.
Го гледав како да гледам воздух пред себе, а некогаш беше мојот свет, беше центар на моето гледишта, се се вртеше околу него, но светот започна да се врти кон својата оска откако ме остави, повеќе не е центар на светот, поточно на мојот свет.
Тоа беше глупава заљубеност која исчезна после две недели, останатиот временски период изминат заедно беше исполнет со досада и секс.
Уф, какво олеснување си реков, досада и секс, ништо страшно.
Молчев, но не сакав засекогаш да жалам за сите оние неискажани зборови кои ќе ми лежат на душата, наместо тоа зошто да не лежат на неговата душа?
Не го оставај тој што го сакаш, само поради тој што си го заљубил во минување, реков и му ја треснав вратата пред нос.
Си направив топол чај и уживав во погледот на снежната покривка на покривите од соседните куќи.
Шолјата ми ги грееше рацете, а пареате ми удираше во лицето, но не заплакав, отпив една голтка и се насмевнав.
Најсилни сме кога немаме друг избор освен да бидеме силни…
Посетено 4.079 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!