На денешен ден пред 12 години сите знаеме каде бевме и што правевме…

„…Како што Американците знаат точно каде биле и што правеле за време на атентатот над претседателот Кенеди, така ние од мојата генерација паметиме сè за смртта на Маршалот. Кај бевме, што правевме, кој што кажа, кој како изреагира на веста. Како денес за Тоше…“ – извадок од книгата „Облечен човек“ на Игор Џамбазов.

Кусо и сосема доволно за да се опише болката која ја почувствуваме пред точно 12 години и 2 часа (во моментот на пишување, часот е 08:30). И како белег кој ќе го носиме до крајот на животот, ќе се будиме со истото сеќавање секогаш, каде бевме и што правевме. Како дознавме и како изреагиравме. Дали плачевме од неверување, дали едноставно игнориравме, дали се надевавме дека е несмасна шега, дали не сакавме овој кошмар да е вистина.

12 години откако го изгубивме најдрагоцениот ангел на македонската естрада, а и пошироко. Светот чу за тебе, ѕвездо, но предоцна. Не успеа да ги дофатиш скалите на светската слава, но нас нè направи среќни што те имав(м)е. Не успеа да не пофалиш пред светот, но ние те фалиме секаде каде што ќе отидеме. Не успеа да се раскажуваш на твоите внуци за твојата хуманост, борба и истранојст, но ние ќе раскажуваме до последниот здив. Не успеа да се израдуваш на секој кој внесува максимум емоции во твоите песни, но така ти живееш. А ние ко ние, никогаш никој нема да биде доволен за да те надмине. А ти ко ти, секогаш со својата скромност, ќе се насмееше и ќе кажеше дека секогаш има подобар. Ете каков беше ти…

Пред твојата човечност, можеме само да молчиме. Немо да слушаме за твоите добрини, иако медиумите честопати беа глуви за тебе. Денес, Тоше, за кило месо има 100 новинари… а за тебе? За тебе не ни знаеме колку добрини си направил… само ти и оние на кои си им помогнал.

Почивај во мир, за крај… една песна од тебе и Иги…

Марија Прличкова

Посетено 2.584 пати