Мајка Богородица
Мајчинството е најубавото и најпосебното чувство кое една жена може да го доживее. Неприкосновено и неоспорно. И толку за тоа.
[fblike]
Инспирирана од неколку жени кои лично ги познавам, никако да сфатам, никако во глава да ми влезе, зошто самите придонесуваме кон тоа во ова општество мајчинството да се смета за единствена и врвна улога на жената, на која сите останати треба да ѝ се подредени? Зошто се однесуваме како со мајчинството да сме го достигнале врвот, како да сме се качиле на врв на планина, па сега оттаму натаму сè може и треба да оди само надолу? Ги гледам тие жени и жал ми е. Свесно од себе направиле жртва. Притоа не се работи за оние жртвувања против своја воља, туку за жртвувања на кои се горди. Па ги слушам и мака ми е: Престанав да студирам, дете родив! Се откажав од работа, дете родив! Не барам веќе работа, наместо во градинка, јас ќе го чувам, дете родив! Веќе ништо за себе не си купувам, не ми е мерак, дете родив! Не седнувам на кафе, не излегувам, не одам во театар, немам време, дете родив! Не сум средена, дотерана, нашминкана, не сум веќе битна, дете родив! И те како си битна, и за детето кое си го родила, и за себе и за сите околу тебе, штета што тоа не го гледаш. Всушност, во твоите очи постоиш само ти извајана во ликот на Мајка Богородица и не гледаш ништо друго пред себе. А тоа е страшна глетка, израз на себичност и заслепеност со улогата на мајка до таа мера да запоставиш се околу себе и себе, само затоа што си родила дете.