Игор Џамбазов се прости од Неда Арнериќ на свој начин: Неда моја драга… (ВИДЕО)
– Извадок од книгата „Облечен човек“ од Игор Џамбазов
Година 2010. За мене многу стресна и полна со искушенија. Таа година во јуни започнав со апстиненцијата од алкохол. Беше тешко, мачно и полно со кризи и депресии. Неколку месеци подоцна, како капак на сè, го загубив и Бошко, мојот најдобар пријател, кучето-човек.
И тогаш, за среќа, добив понуда да играм во последната сезона на хумористичната серија „Наша мала клиника“, која на Балканот веќе ја тераше својата трета сезона. Прифатив, без да прашам за хонорарот. Најбитно ми беше да мрднам малку оттука и да заборавам на сето она што ме тиштеше и мачеше тие денови.
Идејата беше во серијата да играат актери од сите бивши републики на Југозаглавија, а јас да бидам единствениот претставник откај нас. Братство и единство, пак? Во неа се појавуваа многу познати актери, но секако убедливо најголемата ѕвезда од сите беше тетка Неда Арнериќ, главната хероина на еден од можеби најгледаните македонски филмови во историјата „Исправи се Делфина“.
View this post on Instagram
Недо моја драга, те уби тага, неподнослива тага… #rip #nedaarneric #igordzambazov #nasamalaklinika
Со неа последен пат се имавме видено во 1995 година, кога ми беше гостинка во моето шоу „Дневна соба“. Тогаш дојде специјално од Белград, како изненадување за главната гостинка таа вечер кај мене, легендарната Атина Бојаџи, вистинската Делфина. Тогаш тетка Неда го запозна Бошко, и од прва се вљуби во него. Истата вечер ми откри дека и таа дома чува џуџест пинч, наполно ист како Бошко мој.
Снимавме во Љубљана, а спиевме на 10 километри оттаму, во малото симпатично предградие Домжале, во едно хотелче како до бајките. Многу ѝ се израдував на Неда.
Морам да ти признаам, пријателе мој, дека и таа често била цел на моите еротски фантазии. Но тоа кога бев дете. Сега сме колеги, а ја знаеш онаа старата, која гласи:
„Кај што го вадиш лебот, немој да го вадиш курот.“
Уште првата вечер во хотелот, Неда ми се пожали дека нејзиниот Чаки пцовисал пред една година. Кога јас ѝ ја раскажав приказната за Бошко, дури тогаш имавме за што да разговараме. Си се тешевме меѓусебно, а и двајцата се заколнавме дека тоа ни се последните кучиња во животот.
Снимањето одеше како подмачкано. Јас и немав толку напорна агенда, па неколку дена работев, неколку одмарав. Уживав во прошетките низ спокојното Домжале. Токму тоа и ми требаше. Никој не те знае и нема кој да те тормози. Само еднаш бев до Љубљана, и тоа токму со тетка Неда. Ја честев една колегијална вечера во мексиканскиот ресторан. На излегување оттаму, додека го чекавме таксито, на излогот од ресторанот забележав еден интересен плакат.
„Мис на Словенија 2010“.
Мораш да ми веруваш, пријателе мој, дека првото нешто на кое помислив во тој момент беше мојата Бернарда. И после триесет години, првата асоцијација на поимите Словенија и Мис, ми беше токму таа. Мојата девојка од младешките денови, мојата цимерка од детската соба.
А кога се вративме со тетка Неда во хотелот, ме чекаше навистина неверојатно изненадување. Истиот плакат што го видовме со Неда во Љубљана, беше залепен и на влезот од нашиот хотел. И не само тоа. Кога влеговме во ресторанот, во кој обично се зезавме со колегите од екипата после вечерата, пред спиење, сега беше исполнет со дваесетина преубави девојки. Тогаш, пријателе мој, дознав дека сите учеснички на изборот за Мис на Словенија спијат во нашиот хотел. Моите колеги веќе имаа побудалено.
Со Неда ги коментиравме убавиците, а јас не пропуштив прилика да ѝ кажам на Делфина дека таа е позгодна од половината потенцијални победнички на изборот.
„Баш си сладок. И лажго си…“
Но тоа не беше сè. Главното допрва претстоеше.
Комплетната организација на изборот за мис беше под покровителство на фирма сопственост на Бернарда!!
©majkatiitatkoti.com Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира