Едно поинакво детство
.
Кога јас бев дете, децата поинаку растеа. На родендени често одевме со празни раце или со по едно чоколадо, а потоа наместо во игротеки, ги славевме родендените во двор или на улица, затоа што за разлика од денешниве деца, ни сметаше долг престој во затворено, 5 минути не не држеше место внатре. Си зборувавме лице во лице, не преку Скајп. Така се дружевме и социјализиравме. Наместо видео игри со замислени ликови, си игравме едни со други. Игравме брканица и се бркавме меѓу себе, наместо да бркаме покемони. Се сеќавам на изгоре лончето – претече млекото, на школица, на народна, на ластик, на сакате ли војска, на џамлии… Не можам да не се сетам и на лошиот комшија под чиј прозор најмногу галамевме, кој постојано не бркаше и ни ги сечеше пластичните топки кои му паѓаа во двор, затоа што во секое маало имаше барем по еден таков.
По долго акање по улици, никој не не прашуваше дали сме гладни, ниту не молеше да јадеме. Цели во прашина сами се враќавме дома мртви гладни и јадевме за ужинка кришка леб со шеќер и вода. Беше тоа време кога домашните не не бараа по мобилни телефони, да не прашаат кај сме и со кого сме. Кога ќе посакаа да се прибереме дома, ќе не викнеа по име и доволно беше да ни кажат само „Дома!“ Играта се прекинуваше веднаш, си заминувавме и тоа со трчање, зошто си знаевме дека можеш да се зезнеш ако се влечкаш по пат накај дома. Тогаш го немаше како денес она „Ама мамо, чекај уште оваа игра па ќе дојдам!“ Зборот на родителот беше закон и се почитуваше истиот момент. Ми недостасуваат тие времиња кога беше сосема нормално прљави деца по влечки да шетаат низ маало, зошто тоа ни беше задача – да играме до поцрнување, папсување и прегладнување, а зимно време кога ќе напаѓаше снег и до помодрување, зошто немавме скафандери и скапи непропустливи ракавици, па често излегувавме гологлави, со по некое шугаво шалче и дотраени чизми што пропуштаат вода, а се санкавме по удолнини со најлони зошто ретко кој имаше санка. А кога ќе се приберевме, секојдневие беше да миеме раце фушарски за да седнеме на маса што побрзо, со побелени дланки и бразди од вода низ поцрнетите подлактици. И јадевме без приговор, тоа што има, затоа што никогаш никој не не прашуваше „Што сакаш да ти зготвам денес?“, или уште помалку „Ако не ти се јаде манџа, сакаш ли да ти нарачам хамбургер или пица?“
Убави времиња беа тоа, кога низ маало се шетавме во алишта како за по дома, кои избледени од перење, кои исфлекани, кои износени, кои омалнати, кои за три броја поголеми, зависно дали сестрата или братчето се поголеми или помали. Си бевме неуфирцани, често неисчешлани и разбушавени во косите, ненашминкани и природно убави, без фенси ташњичиња и ранчиња полни со џепарац и скапи мобилни телефони, зошто скршена пара немавме, а и да имавме, ниту ја гледавме, ниту ни ја даваа, а искрено, ниту ни требаше. И што ни фали? Да, ни фалеа ајфони, компјутери, таблети, Најк патики, Адидас тренерки, скапи кукли и камиончиња, скафандери, скии, санки… Ама повторно, ништо од тоа не ни фалеше, зошто не бевме ни гладни, ни голи, ни боси. Се имавме едни со други и имавме безгрижно детство во буквална смисла на зборот. Она, кога најголемата грижа и преокупација кога ќе станеш наутро ти е: која игра да ја играме денес? Жалам што денешните деца никогаш нема да ја разберат и доживеат убавината на таквото детство. Нам ништо, ним многу ќе им фали!