Денови и денови

denovi_majkatiitatkoti[fblike]
Има денови кога стануваш со насмевка на усните и само што ќе ги отвориш очите, некако одвнатре знаеш, ќе биде ова убав ден. Ќе те помилува некој зрак од сонцето што крадешкум ти влегло во собата и ќе го чуеш како ти шепоти: станувај, зграпчи го денов, да не ти помине залудно! Се чувствуваш како да ти израснале крила преку ноќ, не одиш, потскокнуваш, како да ти се движат сами нозете со неподнослива леснотија во сите правци, сите привлечни и толку занесни, што не знаеш кој попрво да го фатиш. Како животот на послужавник да ти го сервирал сето она што од него си го барал/а да го имаш, па оди по тебе и само ти вели: послужи се, земи од оваа среќичка, слатка е… пробај ја оваа желбичка, свежа е… ти спремив и едно ново изненадување, вкусно е. И си велиш – тоа е тоа! Не сакам ништо повеќе, не ми треба повеќе од ова, мојот живот, мој слуга да е.
А има и денови кога не ти се станува. Кога уште во полусон, знаеш дека денот ќе ти биде за никаде. Го нема сонцето да те повикува со шепот, го нема животот да те заголицка одвнатре. Тмурно и мачно ти е, и наместо ти денот, си помислуваш – што не ме зграпчи, што не ме проголта тој мене. Посакуваш да го преспиеш, да го прескокнеш, за да можеш да се разбудиш директно во следното, ново, сончево и светло утро. Ама сонот те оставил, си заминал. Крилцата ти се искршени, телото ти е тешко, како некој преку ноќ да ти го оковал со железни синџири. Стануваш, нозете ниту те носат, ниту те држат, и правец немаш, ниту цел. Го нема ни животот да трчка по тебе со послужавникот. Сам/а си. Можеш да очајуваш и да го оплакуваш денот во сите негови нијанси од сива до црна. А можеш и нешто друго да направиш…
За промена, измисли си желбичка и оствари си ја. Побарај си сонче, некое дамнешно, кое веќе фатило прашинка и обиди се да го претвориш во стварност. Отвори го креденецот каде што ти се наредени сите работи што те прават среќен/на, земи една без многу пребирање, онака без гледање, со затворени очи и облечи ја. И ќе се изненадиш. Ќе видиш колку сладок, свеж и вкусен може да ти биде животот и кога не трчка по тебе со послужавникот. И имај разбирање за него, зошто и тој си има денови и денови … А кога не му е денот, биди му ти слуга на животот наместо тој на тебе, разбуди го ти во себе, наместо тој тебе, дај му живост за да може уште пожив, со нов зрак сонце и широка насмевка, уште следниот ден да ти се врати!
595х90 px-01

Посетено 557 пати