Далечина

familija laptop-naslovna_majkatiitatkoti

Технологијата ни ја олеснува комуникацијата. Каде и да си, во контакт со блиските си, со слика, со тон, исто како во живо. Дури и екранот ако го допреш, блиските можеш да си ги помилуваш кога и да посакаш. Благодарение на неа, не ги мислиш премногу. За разлика од порано кога имаше само фиксен телефон на кој понекогаш една линија делеа две семејства, па мораше да чекаш да се изназбори комшивката пред да добиеш слободен сигнал, денес во секое време можеш да знаеш што се случува со твоите блиски и кога не се дома. Ако не по телефон, го имаш Скајп, Вибер, Фејсбук, имаш многу можности за искористување пред да дознаеш каде се, со кого се, што прават, до каде се на пат накај дома, до каде се по патот кон некое друго место… Со еден збор, кога блиските ти се далеку, мирна си. Добиваш безгрижност.

Но, комуникацијата со помош на технологијата не стои, си има своја прогресија. На неа толку многу се навикнуваш, што почнуваш да ја користиш и кога блиските ти се дома. Па ќе се уловиш како наместо да станеш или подвикнеш за да ја викнеш ќерка ти да излезе од соба за ручек, ти ѝ пишуваш порака на Месинџер. Полесно ти е. Побрзо ти е. А и поефикасно. Знаеш дека таму е, а таму најлесно ќе ја најдеш. Ако ѝ здосадил компјутерот, нема да си го земе тањирот за да руча во соба. Ќе си го донесе мобилниот или таблетот на маса. Дека нема назад, обично сфаќаш кога е веќе прекасно. Кога ќе ти се испушти едно срценце во порака кое ѝ го праќаш додека таа е до тебе, на лежајот во дневна испружена, тогаш се сеќаваш на едни поубави времиња кога со зборови, без мобилни и без интернети, ѝ кажуваше дека ја сакаш. Па страв те фаќа, да не си заборавила во меѓувреме како се прави тоа очи во очи. Дека и таа страда од истиот заборав, ти покажува кога некоја своја најдлабока тајна ќе избере да ти ја довери таму, на Месинџер, на местото за најбезбедна комуникација. И најлесна. Најбезболна. Оти зборовите веќе ѝ станале тешки како камења исто како твоите, само што тоа можеби сеуште не си го признава. А кога ќе падне и солзичка од некое тажно смајли, срцето ти се кине зошто не си таму, да ѝ ја избришеш. И се така. Како во жив песок се подлабоко тонеш. Полека сфаќаш дека интернетот те одвоил од неа, а ти не си забележала. И се плашиш, бескрајно многу, да не дојде времето кога ќе мораш нејзиниот лик на екранот да го допираш кога ќе посакаш да ја допреш… додека таа е во соседната соба…

Технологијата ни ја олеснува комуникацијата. И стеснува. И ограничува. И осиромашува. Со еден збор, кога блиските ти се до тебе, немирна си. Добиваш загриженост. Зошто ти се чини дека си ги изгубила, си ги жртвувала… Под ист кров, во два посебни светови… Виртуелно некаде присутни, а толку многу реално отсутни…Блиски, а толку многу далечни…

Посетено 332 пати