Чалам
[fblike]
Пред малку на пешачки. Застанува еден внимателен возач и ми дава знак со рака да поминам. Тргнувам јас полека па застанувам, зошто по втората лента гледам се движи уште еден невнимателен возач кој е залетан стотка на саат. Од оние чаламџии кои кога возат прозорот им е задолжително отворен, лактот изваден надвор, а они си замислуваат дека цело Скопје во нив гледа и им се восхитува. Ме виде чаламџијата и закочи, по кратко двоумење, и тоа онака нагло, па и тој мафта со раката, повеќе од чалам, отколку што искрено сакаше да ми дозволи да поминам. Само што тргнав, свирна толку силно што ме извади од памет! Потскокнав, подзастанав, ги кренав рацете и му велам „Што правиш бе?!“ Шизикот ја отвара вратата, подизлегува од колава на една нога и се дере „Кај ти стојам, уште се влечкаш ко царица да си!“ Така нешто мислам ми рече, недочув баш фино, пошто трештеше музика у стилу Шемса Суљаковиќ од колата. Ја тресна нервозно вратата и со шкрипење со умисла уште толку да ме исплаши, продолжи да вози, за да го фати семафорот на зелено, ама да помине скоро па на црвено.
Јас не сум битна во случајов. Нит ми е прв, нит ќе ми биде последен пат. Ова е само пример за она што секојдневно ни се случува во Скопјево. Чаламџии дивеат по улици, свират и плашат пешаци, особено девојчиња, па дури и мајки со дечиња во колички. А сообраќајна полиција ни за лек. Со години и години наназад не сум видела полиција да стои и казнува по Партизанска, Илинденска… Поради нивното отсуство чаламџиите како оној со BMW-то денес, си земаат замав, си земаат сила, си земаат слобода да прават по улици што сакаат… А кога нема кој во тоа да ги спречи и казнува, за жал, земаат и човечки животи!
Апелирам МВР да се разбуди од длабоката кома, да се освести, да ни ја врати сообраќајната полиција по патиштата, да не заштити од ваквите лудаци! Десетици луѓе за само една година изгинаа по скопските улици само заради нечиј чалам! Секое игнорирање на овој проблем и одбивање да се реагира соодветно, ќе го сметам за исто толку голем чалам, ако не и поголем! За нашите животи се работи овде! Има ли поголем приоритет? РЕАГИРАЈТЕ ВЕДНАШ!
Посетено 1.835 пати