Бајка

Утрово на Фејсбук осамна интересна слика. Млад татко со букет цвеќиња во рака, преку оградата на Гинекологија разговара со неговата штотуку породена сопруга. Тажно. Зошто?

bebe majka tatko_majkatiitatkoti[fblike]

Зошто жената што ќе се породи на Гинекологија да не може да прими букет цвеќе, да си го стави во вазна покрај креветот, или да си ја разубави собата со плишани мечиња и балони? Зошто да не може да ја држи раката на сопругот, на оној кој ѝ е близок додека се породува? Зошто да биде опкружена само со непознати лица во тие тешки мигови? Зошто да не може да се овековечи моментот на раѓањето на нејзиното дете со видео или со слика? Зошто на блиските да им прераскажува како било, кога самите можат сведоци да бидат? Кој не лишил сите нас од контактот со најблиските во за нас најочекуваниот и најубавиот ден во животот? Премногу филмови гледам? Не. Овие филмови во развиениот свет се реалност. За нас, за жал, сеуште бајка!
Ми разбуди сеќавања, како во магла. Освен ликот на малечкото, повеќето сиви. Чекална. Непознати жени. Секоја со своја мака. Ретко која зборува. Некоја со денови е таму. Го чека „отворањето“. Со сите нив си, а сама си. Никој не доаѓа да те праша како си. Тука и таму можеби и ќе се појави по некоја сестра која секогаш ѝ се обраќа и ѝ угодува само на една од жените. Ја познава, си мислиш. И се молиш, некој да дојде да те праша тебе како си. Но тоа не се случува. Во собите со боксови, повторно си сама, додека не ти дојде времето. Тие знаат кога ќе ти дојде, па ги нема дотогаш. Им ги слушаш гласовите во собата на жената околу која се врткаше сестрата. Им ги препознаваш. Немаш кого да држиш за рака, нема кој да те утеши, нема кој да те охрабри. Лежиш и ги слушаш другите жени кои се исто толку сами како и ти. Некоја лелека, некоја офка, секоја втора некого довикува… а никој не доаѓа. Во полусвест се радуваш како детенце кога ќе влезе некоја сестра или лекар да те провери. Го користиш моментот да ги прашаш милион прашања, ама само едно ти останало во свеста „Се ли е во ред со бебето?“ Толку време имаш, зошто никој покрај тебе не останува, брзо си одат. А потоа пак, сама си. Чудни мириси до тебе допираат. Се чувствуваш како да си во кланица…
А потоа, откако ќе те породат, ќе го правиш она што го направила девојката утрово. Ќе излегуваш на прозорец за да го видиш таткото на твоето дете со букет цвеќе. И ќе го мирисаш оддалеку. Тој не знае, ама си знаеме ние, колку е тешко да станеш, до прозорецот да се довлечкаш и таму на нозе да стоиш додека се довикуваш и кажуваш што ти треба, што да ти донесат. А ти треба се… од средства за хигиена, до влажни марамчиња, до тоалетна хартија, до пижами и папучи… зошто во болницата ништо нема… И тогаш една мисла ти осамнува – тој е таму долу зошто некој намерно сакал се што доживеав внатре од него да го скрие. Со свои очи да не ја види негрижата, дупките во душеците, искинатите ноќници, лебарките по подовите… Јас да му прераскажувам, а не тој лично сведок да биде… зошто немаше да ви дозволи, да ви прости, да ви молчи!

595x90

Посетено 9.034 пати