Игор Џамбазов: Скопје, Сарај, Матка… и обратно

– Извадок од „Облечен човек

Сите добри песни се создадени на необичен начин. Некои имаат интересни приказни за тоа
како се настанати, во какви услови се напишани, кому му се посветени, каква е скриената
порака или двосмисленоста во текстот…

Оваа песна можеби обележа еден мал дел од мојата музичка кариера, но она што сигурно го обележа, тоа е времето кое сите ние сакаме да го заборавиме, ама тешко ни оди. Оти навистина е тешко да заборавиш на сето она што му се случи на нашиот Балкан, крвта и медот на нашето постоење, онаа бесмислена, а добро смислена војна,
Што му се случи на човекот, човеку, пријателе мој?

Кој можеше да претпостави дека така ќе експлодира таа омраза стара со столетија, која тлеела во последните педесет години? Од каде одеднаш толку нова омраза? На тони. Омраза кон оној што не го зборува твојот јазик, што не оди во твоите цркви, омраза кон сè што дотогаш беше љубов.

Тоа што се случуваше во Сараево, пред очите на целата планета, е најголемиот срам што „курвата вавилонска“ го доживеала во својата историја. Нив воопшто не ги интересираше тоа што дваесет и првиот век е на прагот. Како да сакаа да го допосерат тој дваесеттиот век. Така и му требаше.

Од каде сега искривени огледала во вашиот поглед на светот, пријатели мои, од каде ви излезе толку лошотилак, од каде сега такви идеи, од каде одеднаш толку пизма?

Запомнете: Секоја пизма завршува со чизма. Окупаторска или ослободителна, сеедно е. Чизма е. Црна и опасна.

Тука некаде, во средината на последната деценија од минатиот век, работите се менуваа како луди. Секој ден и секој час. Целиот свет го држеше прстот вперен во нас, балканските примитивци, жедни за пизми, чизми и национализми. Некои војни завршија, некои само што почнаа, а некои чекаа во редот за крв и одмазда.

Од Сарај до Сараево.

Посетено 916 пати