Мојата средба со Гоце Делчев онаму горе – Игор Џамбазов

– Извадок од книгата „Умрен човек“ од Игор Џамбазов.

Влеговме внатре. Фоајето вриеше од познати фаци.

Егеецот Ристо и Гоце Делчев. И двајцата млади. И убави. Гоце ист како на онаа негова најпозната фотографија, со големите, црни и негувани мустаци. А Егеецот како во сцена од филмот „Табакерата“. Ме зграпчи за косата и ме потегна за неа. Така тој изразуваше љубов.

„Говедо, кај си бе ти?“
„Еве, чичко Шиле… долго време помина, а?“
„Да те запознаам со мојот партнер. Ова е Гоце…“

Пријателе мој. Гоце ми ја стегна раката, онака како што тоа го прават вистинските војводи.

„Мило ми е. Е па кажи. Што има ново таму долу? Уште ли не го разбравте светот како поле за културен натпревар?“

Како да му кажам дека сме светлосни години далеку од тоа. За да не му ја расипам вечерта, ја сменив темата. Му кажав дека долу не сме го заборавиле. И дека неговото име го носат еден универзитет, студентски дом, мост, фестивал, булевари, улици, награди…

Ги засука мустаците. Изгледа дека тоа беше начин на кој го изразува своето задоволство.

Посетено 2.678 пати