Џеси, првата вистинска жена во мојот живот – Игор Џамбазов

– Извадок од книгата „Облечен човек“

Пријателе мој, немој ни да помислуваш да нагаѓаш која е Џеси. Мислам, вистинската Џеси. Тоа воопшто не е битно. Само сакам да знаеш дека таа постоеше. И сè уште постои.  Тука е, жива е, здрава, права, каква што била отсекогаш.

Џеси сакаше само две работи во животот. Да биде среќна, и да биде уште повеќе среќна.

Џеси. Жената која успеа од дете да ме престори во маж. Не дека со не ја изгубив својата невиност, туку со неа ја изгубив желбата за жени. Не затоа што со Џеси ми беше толку многу лошо, туку заради тоа што со Џеси ми беше толку многу добро. И ден-денес знам да отсонувам еден добар порно-филм во ој таа и јас ги играме главните улоги.

Џеси. Првата вистинска жена во мојот живот. Затоа те молам, пријателе мој, немој да се заморуваш со нејзиниот вистински идентитет. Немој да се распрашуваш кај оние што ја прочитале оваа книга пред тебе, затоа што и тие можат само да претпоставуваат која е Џеси од пред триесет и кусур години.. И не е толку битно што се случи со Џеси. Уште помалку битно е што јас ѝ се случив на Џеси. Битно е дека Џеси ми се случи мене.

Сите љубови имаат нешто поради кое таа љубов треба под итно да се заборави. Со Џеси беше… за да не се заборави.

Не се сеќавам дали во тоа време воопшто беше „тренди“ да имаш постара цуца. Но добро се сеќавам дека тогаш типчињата од мојата генерација преферираа нешто од дваесетина години. Демек младо, ама малку постаро од нас. А ние имавме по 18.

Приказната за Џеси започнува без Џеси.

Штом матурирав, а тоа е една година по смртта на другарот Тито, се пријавив на приемниот испит на Академијата за глума. Ме примија, иако не бев баш добар. Отидов со гитарата. Монологот го избрзав, „Стерна“ од Блаже Конески ја кажав така-така, па кога видов дека не оди, им отсвирев нешто од Бора Чорба. За крај.

Се сеќавам на изразот на лицето на професорката Тодорка Кондовска-Зафирова, која дотогаш беше залегната во столчето, кога ги слушна стиховите на Чорба, се исправи, па почна
да се смее, најпрвин скришно, а на рефренот скоро хистерично, па ми се обрати, за да ни ги скрати маките:

„Доста, доста, злато, доста…“

Ме примија, а можеби и не требаше. Можеби требаше да ме бутнат, па да ми дадат шанса да станам човек, наместо актер. Можеби сега ќе бев шеф на смена на некое градилиште, со
жена згодна докторка, две деца, трето на пат, чисто од патриотски причини. Сеедно.

Само што си ги спакував парталите за последното лето пред војска, ми дадоа улога во еден телевизиски филм, во режија на македонскиот Копола. Иван Копола. Филмот се викаше, а и сè уште се вика Време на летала. Мојот лик не беше некој од главните, но јас бев наратор на филмот. Поточно, мојот лик и глас ви ја раскажуваа приказната на Димитар Солев. Јас го играв него. Сестра ми ја играше Силвија Стојановска, а нејзиното момче Данчо Чевревски. Играа и сите актерски ведети од генерацијата на дедо ми Петре, а и неколку млади актери, студенти од Академијата.

Меѓу нив и Ена. Ена Егејката. Мало, преслатко суштество, со огромни очи, и исто такви гради, која во филмот ја викавме Осиче. Ена Осичето и јас го имавме својот прв филмски бакнеж во кариерата. На езерото Матка, пливавме длабоко, нè снимаа од чамец, почеток на октомври, водата минус двестe, со една голема внатрешна тракторска гума, од оние црните, во чија внатрешност се случува бакнеж.

Ена и јас, го направивме тоа навистина убаво. И невино. Ептен невино. И од приватен и од професионален аспект.

Во војска требаше да се јавам во Белград, на 8 oктомври, до 24, нула-нула. Ама бидејќи гомнарот Марфи уште тогаш ми призна дека ми е братучед, морав да снимам и на 7-ми, и тоа во Тетово, и тоа попладнето. Марфи, мајсторе!

Така и бидна. Снимавме до кај девет вечерта, па комбето од филмот ме однесе директно на старата железничка станица, кај што по протокол ме чекаше комплетното семејство, со половина од тазе зимницата од шпајзот, бајати вицови на татко ми Џамбаз, и многу солзи…

Додека бев во војска, Ена Осичето ми напиша писмо. Онака другарски. Многу му се израдував. Го чував до пред некое време, заедно со другите писма од војска. Сега ги немам. Се
надевам дека се живи и здрави, скриени и безбедни во некоја кутија, во нечија гаража, на некое место…

Војската заврши, а јас имав многу малку време да се подготвам за новиот начин на живот. Предавања, вежби, проби, учење. И некаде на почетокот на октомври тоа и ми се случи. Уште првиот ден на Академијата, се видовме со Ена Осичето. Баш си се израдувавме. Ена беше на трета година и веднаш ме запозна со сите од нејзината класа.

Меѓу нив и една девојка која како да не припаѓаше тука. Или ние сите други како да не припаѓавме тука? Една во милион има такви. Тоа беше Џеси.

 

(продолжува…)

Посетено 2.644 пати