Игор Џамбазов: 8 март (Извадок од книгата „Приказни од Мјаукедонија“)

– Извадок од книгата „Приказни од Мјаукедонија“

8 март

Денот на женските хомо-сапиенси. Денот на мајките. Од историски аспект, овој празник има револуционерна конотација. Борба за нашите женски права, право на глас, еднаквост, абортус, внимание и други глупости по кои хронично си патиме ние жените.

Од социјален аспект, посебно во денешно време, овој празник е единствениот ден во годината кога жената има право да се опушти, да ужива во денот, да добива подароци, да излезе порано од работа, да лудува по кафеани… Да биде во центарот на вниманието.

Децата пак, овој празник си го разбираат како празник на мајката. Мајка е она првото што се сака во животот. Мајката ти е и сонце и вода и воздух. И учител и лекар и другар и се’…

Денес помислив на Мама Мона. Прв пат оваа година. Одамна престанав да ја сонувам, но мислам на неа. Се’ уште. Можеби треба да бидам лута, бесна, тажна… но што од тоа? Така ќе ја вратам мајка ми? Тешко. Изгледа дека таа добро знаела што прави. Сигурно дека имала многу силна причина за онака да ме остави сама во животот. Без објаснување.

Ако некогаш повторно се видиме, ќе замолам да ми ја каже вистината, без разлика колку болно тоа може да биде за мене. Се надевам дека е добро. Се надевам дека и двајцата се добро. Мислам на оној за кого ја прашав Мама Мона дали ми е татко. Таа ми рече дека еден ден се’ ќе ми стане јасно. А мене ми беше јасно уште кога му ги видов шарите по телото. Коза лаже шарите мачешки не лажат.

Мамо, каде и да си, те сакам!

Посетено 589 пати