Толку малечок, а сепак спасив со мојот глас дури три животи – Игор Џамбазов

Петнаесеттиот ден од јули. Сум бил бабачко бебе. Радост голема. После само неколку денови мајка ми и јас сме си дошле од болница дома. Во една прекрасна куќичка во центарот на Скопје, со бетонски столбови што ја држат терасата. Еден мал рај за новото семејство. Со дворче.

На тоа место денес има туристичка агенција.

И само една недела подоцна…

Околу 5 часот наутро, мајка ми и татко ми ги разбудил еден мој антологиски вресок, за кој подоцна ќе се покаже дека ме спасил од сигурна смрт.

И мене, и моите.

Кога врескањето доживеало кулминација, моите сѐ уште неискусни родители, станале и двајцата за да ме наранат. Ме зеле од креветчето, па ме однеле во кујната.

И додека се шуткале наваму-натаму, сѐ уште сонливи и збунети, се случило она што засекогаш го измени градот.

Тресок. И бучава. Од под куќата. Како земјата да сака да го голтне градот. Земјотрес. Во таа паника, моите се обидуваат да избегаат од бељата. Татко ми ме држел мене цврсто во една рака, а со другата ја држел мајка ми. И успеале некако.

Тоа бил првиот удар. Сме стоеле така на полјанката пред домот, а татко ми решил да се врати назад, за да се обиде да спаси некои важни, вредни и драги предмети. На мајка ми тоа воопшто не ѝ се допаднало. Но сепак, и покрај врескањата и пискањата од страна на Анче упатени на негова адреса, тој сепак влегол во куќата.

Успеал да присобере некои работи. До некои не можел ни да дојде, зашто дел од таванот завршил на подот. Погледнал кон моето креветче. Парчиња малтер, делови од цигли и дрвени греди наместо мене.

Излегол надвор само неколку мигови пред вториот удар. Оној, конечниот. Оној што го уништи преубавиот град.

И така, пријателе мој… тоа фактички било моето прво соочување со смртта. На 11 дена младост.

И уште нешто. Времето покажа дека моето врескање спаси три животи и едно семејство.

Посетено 7.322 пати