Црвени цветови
Има една жена што поминува од време на време со децата во маало, собира алишта, обувки, што ќе ѝ дадеш, не пребира. Сум ѝ давала во неколку наврати по кеса омалнати детски алишта и кондурчиња. Ги ослободував на тој начин плакарите. Убаво ми доаѓаше помислата дека не сум ги фрлила и дека можеби некое детенце ќе ги доноси. За воља на вистината, сум помислувала и дека можеби жената ги продава. Ама дури и така да е, убаво ми доаѓаше од помислата дека со тие пари можеби ќе им купи нешто на дечињата. Пет има Три машки, две девојчиња
[fblike]
Сабајлево ги видов, на клупа пред зграда. Мајкава буричкаше низ кесите во кои не загледав, ама сигурно имаше се и сешто. Едното од братчињата си играше во тревата. Едното од девојчињата јадеше ѓеврече седната до мајка ѝ. „Госпожа, да не имаш нешто за фрлање?“ ме праша мајката откако ме препозна. „Немам, реков, немам секогаш“ ѝ се насмеав и продолжив оти брзав. Па застанав. Се свртев кон нив. И го погледнав девојчето уште еднаш. Не ми се причинило. Си го препознав фустанчето. Бело, на прекорамки, со големи црвени цветови. Само што сега беше пожолтено, цветовите потемнети, а мајка ѝ ѝ го беше облекла над излитена зелена блузичка со долги ракави. Ама неважно, тоа беше. Фустанчето што им го дадов. Стана малава да се фрцка пред мене, го мафта фустанчето со рачињата и ми се смешка, како да ме запамтила, како да знаеше дека јас сум ѝ го поклонила. Каква топлина ме облеа, каков мерак ме исполни, не можам со зборови да ви опишам. Како да сум направила бог знае што, бог знае каква добрина. Малава можеби врска немаше кој ѝ го дал фустанчето, можеби само така си се фрцкаше од досада, ама јас сакав да си верувам дека ме запамтила и ќе си верувам. „Многу си убава!“… ѝ реков… се свртев и си заминав насмеана.
Сеуште ме држи таа насмевка. Уште ми е пред очите фрцката малечка! Убаво ми дојде од помислата дека некое детенце сум израдувала… Камо да можев секој ден така… да гледам црвени цветови развеани од рачињата на палави фрцки. Ех, на лицево ќе си носев вечна насмевка! ️️
Посетено 1.879 пати