Ете така низ животот се оди драга моја
[fblike]
да можам назад да се вратам
ете, в рака временско далечинско да имам
и на rewind да стиснам
ќе се вратам на почетокот
ќе вртам назад до мигот ко те сретнав
и во сета наша приказна
само едно нешто ќе сменам
карминот!
да, не туку се смеј
и не ме прави улава
ти велам, да можам назад да се вратам
со црвен кармин ќе бидам
и таква стокмена сиот бол ќе го изврвам
жигосана со бакнежи
облепена со здивови
и ќе тропам со штиклите
небаре можам на асфалтот дупчиња да направам
исправена
со главата угоре и душа удолу што влече
и на усните црвениот кармин
како оној кој баба ми го носеше
со години, децении
за венчавки, повојници и погреби
кога животот славеше
а смртта на живите им наздравуваше
со мал намиг за скорешно видување
со црвен кармин
како од крв бојата да му е дадена
со таков кармин животот се врви
и на секое паѓање
уште еден слој се става
за да се знае дека мора плеќите да ги исправиш
колената да ги зачистиш
косата да ја спастриш
и повторно напред да одиш
со рацете во тупаници
и гордост во чекорот
со очи кои не трепкаат на сонце
ниту пак на дождот замижуваат
оти солзите однатре ти течат
и насмев
насмев на лицето мила
замрзнат и исцрвен
како роза трнлива
како крв на усните да имаш
ете така низ животот се оди драга моја
со црвен кармин
во онолку слоја колку што душата ти тежи
драга моја…
Посетено 6.349 пати