Драган Таневски: Нешто како Биографија…
Се родив како Хомо Сапиенс, за среќа – од човечки родители.
Завршив неколку школи…
– Нижо Алтруистичко
– Средно Бонвиванско
– Дипломирав на факултетот по Авантуризам
– Магистрирав Имагинација и Фантазија
– Докторирав Филантропија
неколку пати паѓав на испитите по шовинизам и мизантропија, и тие на крај дигнаа раце од мене.
Дури ме прогласија за изгубен случај…
Имам постигнато значаен успех и во неколку курсеви:
– Одење по облаци
– Нуркање во соништа
Моите верувања:
Верувам дека без солзи, крв и пот нема ни успех.
Верувам дека вратите служат за да се отвараат, а не да се затвараат.
Верувам дека од сите титули, највредна е титулата – Човек.
Верувам дека без разлика на потеклото, постојат само Дами и Господа. Сите други се лузери.
Верувам дека женственоста не е во длабочината на деколтето и должината на сукњата.
Верувам дека светот ќе биде поубаво место без шовинизам и феминизам.
Верувам дека постои само една слобода, а се друго е ропство.
Верувам дека многу од нас СЕ многу повеќе отколку што НЕ СЕ.
Верувам дека многу врвни уметници не се ни свесни за својата дарба.
Верувам дека стравот од неуспех е убиец на ентузијазмот.
Верувам дека злото се храни со молчење.
Верувам дека на наједноставните прашања најтешко се одговара.
Верувам дека проблемите се дечиња, а родители им се Очекувањата и Споредувањата.
Верувам дека она што другите го нарекуваат „Виша Сила“ има Име, Чувства и План.
Верувам во бесконечност.
Верувам во ПРИЧИНА.
Посетено 1.299 пати