Во „Медена земја“ ние сме злобниците! Повторно го потврдивте тоа, кршејќи го видиковецот на Водно!

Еуфоријата за „Медена земја“ секојдневно расте и се зголемува. Луѓе лудуваат по филмот, споделуваат хаштази, реплики, постови, чекинзи, хаос, пич, лудило… и сето тоа е супер! Конечно доживувавме ваква радост после цел четвртина век! Па, има ли боље? Па, нема!

Но, ајде да го согледам филмот т.е. пораката на документарецот, како што и самото име вели ДОКУМЕНТАРЕЦ што значи дека не е игран, фиктивен филм. Атиџе е последниот огледувач на диви пчели во Европа и живее со својата 85-годишна болна полуслепа мајка. Маката на Атиџе е огромна, живее во трошна куќа без струја и вода, во ужасни услови, но со многу љубов. Што кон мајка си, што кон природата. И овде гледаме една двојна несебичност од страна на Атиџе. Што поради тоа што никогаш не се омажила и останала да биде крај мајка си да ја чува, што кон природата и неалчноста да го собере сиот мед туку да им остави пола од него на пчелите.

„Пола за мене, пола за тебе“, што би рекла Атиџе.

И сето тоа би било чиста монотонија, ако нема заплет и лошковеци. Лошковиците се дојденци кои ја присвојуваат идејата за одгледување пчели. Но, нивната алчност и себичност ѝ наштетува и на Атиџе кога умираат речиси сите нејзини пчели.

Да не давам многу спојлери, дали Атиџе ќе се извлече и што сè ќе ѝ се случи, оставам на вас.

Да се вратиме на лошковците. Вчера беше урнат видиковецот на Водно. Добро бе, сакате ли да имате нешто убаво? Плачете дека не сме опишани во најдобро светло, ни мене не ми беше најпријатно бидејќи многумина после овие филмови мислат дека сме за жалење, а Америка дека е прекрасно место за живеење. Филмот знае гадно да те излаже. И таму има сиромашни луѓе кои живеат во приколки, кои преживљаваат во лоши услови. Но, Холивуд ретко ја дава вистинската слика за тоа, обично сите го живеаат американскиот сон.

Туку, да се вратиме повторно ние кај нас, кај нашите дивјаци. Зошто Атиџе не била Македонка, зошто ова, зошто она… коментари еден куп. А, сега кој го урнал видиковецот? Не е битно. Битно дека на Оскари одиме со Атиџе, а не со Митра. Во ред, и мене не ми беше глатко на душава што одвај го слушнав македонскиот јазик. Но, решив да не го гледам од таа перспектива, туку од перспективата на светот, онаа каде испраќа силна порака да човештвото.

Да не бидеме себични, така ќе има за секого. Да не сме алчни, да се задоволуваме и со малку. Да сме спремни да жртвуваме, да си ги сакаме родителите, да играме и се веселиме од душа, да пееме… да пееме на сиот глас. Да сфатиме дека секогаш може полошо, да сме среќни со она што го имаме. Да се научиме да ѝ се радуваме на секоја пролет, да се научиме да ја цениме секоја капка вода и секој продир на светлината, да сме среќни што имаме удобност да се тушираме во када/туш кабина и можеме да уживаме во секој благодат овозможен од струјата.

Да прифатиме дека сите сме различни, но живееме на исто тло. Ако бркаме само за себе, нема да има најпосле за никого.

Мила Атиџе, ти благодарам што испрати една јасна порака. Ми требаше ден-два да го исперципирам јасно филмот, но сега разбирам.

Атиџе, тебе сигурно славата нема да те удри во глава, тоа е сосема јасно. Не си ти од оние новопечени актер/ки кои ќе полудат од среќа. Ќе прошеташ по холивудските улици, црвениот тепих, сосема своја, а сепак горделива. И нека. Заслужуваш.

Приказната за твојот живот, пчелите и медот, твојата пожртвуваност реши дека ти заслужуваш.

Браво, Атиџе!

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 4.139 пати