Самите си го газиме својот јазик, трудејќи да сме во чекор со новото време, никој не ни е крив

Вчера беше Денот на љубовта кон милениците, денес Светскиот ден на мајчиниот јазик, или љубовта кон својот јазик. Но, колку ние го сакаме и цениме кога се обидуваме да го исилуваме со интерационализми? Со зборување на други јазици бидејќи сметаме дека е „пофенси“?

Нема да лажам, и јас многу пати се фаќам себеси како кажувам нешто на српски или англиски, обично кога пцујам, не знам зошто но воопшто не сакам пцости на македонски јазик. Ама ич! Можеби е почит, можеби е навика, којзнае…

Интернационализмите навлегоа длабоко во нашиот живот. Евенти наместо настани, сори наместо извини, тенкс наместо благодарам, бај наместо догледање. Свесно или несвесно си го „унаказивме“ јазикот.

Зошто наместо нашите архаични зборови, многумина ги нарекуваат турцизми, ги употребуваме новокомпонираните: гуглам, сурфам, постирам? Кога може: пребарувам, истражувам, објавувам?

Самите си го газиме својот јазик, трудејќи да сме во чекор со новото време, а забораваме дека имаме доста убав и привлечен јазик. Не ги осудувам другите, бидејќи и јас сум за осуда. Станавме робови на некое ново време кое претендира да стане еднакво за сите, без разлики и граници, како во брак каде секој си ја губи индивидуата.

И кој е овде крив?

Ни Европа, ни Америка, ни Азија, ни Африка… самите ние. Технологијата дозволивме да управува со нашите животи и да ни диригира сосема нов правец кон кој тивко, но сигурно чекориме.

Вчера слушнав скопскиот дијалект го уништил јазикот. Точно, бидејќи скопскиот дијалект стана мешавина од сите можни дијалекти во државава. Како што битолчанецот си го сака својот битолски дијалект, штипјанецот штипскиот, така јас си го ценам скопскиот. Но, додека се маваме по грб кој како зборува и кој дијалект е најпрестижен и највиновен, одамна изгубивме мноштво зборови.

Среќен нека е!

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 764 пати