Какви Ќенефи – Такви Газди

Нашево Скопјенце, отсекогаш важело за град со голема кафанска и боемска традиција,
а нашиов народ како голем мераклија за добра пијачка и лапачка.

Дефинитивно, институцијата кафана е мошне важен сегмент од нашето секојдневие. Низ вековите.

Се викало тоа, коњопој, биртија, бирцуз, кафеана (кафеава?) кафана, ресторан (т), кафиќ, кафич, кафуле (кафе во најмал филџан?), бар, најт-бар, снек-бар…

Сака, бе, ова народче добро да попие и да замези. И, знае тоа да го направи со стил.

А, најголемиот проблем секогаш биле парите, односно количеството на “купус” во задниот џеб, пред свеченото влегување во нејзиното величество-кафаната.

(Не им верувам на оние кои ќе ме поканат во кафеана, нека се љутат колку сакаат. Идам у кафана и квит!).

И, знаеме дека постојат разни финти-во отсуство на купусот што живот значи.

Затоа, познаваме разни видови на типчиња кои се служат со трикови само за да стасаат до грличот на полната чаша и на милиметар од боцнувањето на виљушката во г,зето на некое коковче, прасенце, мезето, салатата.

Имаш ова- Шо ќе пиеш бе брат?

А, момокот, во џебот има само семки, или некој аспирин:

– Не треба ништо, фала. Шо ќе се напиеше ти?

А, овој со семките, како од топ си го порачува она што го наумил.

Постојат и славните, стари добри рабуш-тефтери, ама тие им стојат на располагање само на старите, чесни и добро проверени конзуматори.

Има типови, кои дури откако ќе се изнапијат и изнајадат, не ретко и ќе почастат некого преку маса, почнуваат да цмиздрат и да се правдаат дека не знаат како, ама баш денес се нешто тенки по џебовите.

Па, “ќе донесам утре, жими све”, па “еве ти лична карта, слободна, здравствена, па “овој гарантира за мене, “ќе се пребиеме” и слични мизерии, сe додека на газдата не му пукне филмот и не им рече да ја затворат вратата од надворешната страна и никогаш више да не му се појават у локалот.

Иначе, никогаш не ми беше јасно, зашто исчезна одличниот, добро проверен и афирмиран обичај на наплата на долговите со перење на садови, или, уште подобро, со светнување на Ве-Це-то.

Тоа е права шема. Ем е поучна, ем е хигиенска.

А, кога сме веќе кај веце-ата во скопските локали, тоа е приказна за себе. И, по себе. Со мали и ретки искључоци (хотеливе не важат) кај некои прави газди, за просториите накај каде што и царот трчкарал со стиснати бутчиња, може да се каже-тешка мизерија.

Несфатливо е како на “јаките” меанџии не им текнува дека единсствен начин за губење на своите мушттерии е “топлиот” пречек и културниот шок во собулето, одајата, шупата, едниот метар смрден квадратен простор, на оа што се нарекува ВЦ, од каде што копа на мрша, уреа и знаете понатаму.

Каде што чистачките рекле “збогум”, каде што ќе ви текне на “Корни” групата, односно, дека човекот и не е некоја совршена машина, каде што, изненада ќе ви дојде поривот да одите на планина, да играте бадминтон, одма да се избањате во Радика, или одма да си одите дома и да киснете у када едно два-три саата..

Џабе ви се постојаните плачки до газдиве дека “не ли ви е срам бе”, “имате ли АРФ во пописната листа (комада 10), “до кога вака бе братче”, кога нив у глава им се само вашите пенези и чекови, а успут може и прописно да ве измаршираат со “ако не ти чини ич не ми доаѓај”, “ако не ти се свиѓа фати зачисти”, или поумерено “чустачката ми е на годишен, на трудничко, замина во туѓина”.

Затоа, господа почитувачи на кафанската традиција, дајте да им стегнеме еден бојкот на газдите-клозетари и да ги натераме да си ги викнат чистачките по мобилен.

Можеби ќе им се вратат и ќе сфатат дека не е сe во парите. Дека има нешто и во АРФ-от. Дека не сакаме да фатиме шуга и колера, откако претходно нe опељешиле. Да, бе.

Да им стегнеме еден бојкот на газдите-клозетари

Посетено 5.706 пати

Сашо Христовски

Сашо Христовски

Сашо Христовски