Ми се оди во самоизолација некаде далеку, па да се изурлам како човек! Ова овде више не се трпи…

Втор месец во карантин, но не ми смета. Единствено што ми сметаат се секојдневните вести кои благоречено не’ отруја, но и луѓето кои се поделија во два табора: луѓе исплашени од корона и луѓе кои не веруваат во корона. Оние измеѓу се ендемски вид, исто како и неутралните во политиката, а жал. А, јас спаѓам токму во нив.

Најактуелна тема е секако фамозниот КОВИД-19, но ни скручи на сите да го збориме. Па, се свртевме повторно на политика (економија, здравство, нерасчистени сметки со соседството). Каде се муабетите за книги, филмови, музика? Каде се убавите искуства, патешествија? Каде се новите знаења, постигнати цели и идеи за во иднина?

И се си викам дека поштено ми се оди во самоизолација некаде далеку, каде нема да слушам за муабети кои немаат благе везе, од кои не учам ништо и од кои само затупавувам.

Гасам вести, читам кога морам затоа што тоа ми е работа, односно ги пренесувам. Елиминирам муабети со луѓе и се чувствувам така празно. Како да немам за што да зборувам, а имам.

Животот е многу повеќе од вирус, политика и празни муабети. Има нешто и во уметноста, патувањата и новите искуства во најразлични полиња.

Мојот живот не е толку сив, со црно-бели квадрати нацртани по шемата на „просечните умови“. Мојот живот има боја, и нема да дозволам да избледи и посиви.

Мојот живот не е стандардна патека по кои „секој просечен човек“ изодува, мојот живот е искривени козји патчиња.

Мојот живот не е седење измеѓу четири бели ѕида, туку седење во тродимензионална просторија од мојата замисла.

Мојот живот може да биде и твој и сечиј. Избери боја и излези од кутијата… зборувај за убави нешта, а грдите остави им ги на оние кои им е работа тоа.

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 2.154 пати