Кучешки приказни, од очите на Џони, маалското Веле-куче…

Здраво пријатели,

Јас сум Џони и стар сум 11 човечки години или кучешки 65. По некое чудно правило би требало да важам за доживотен најдобар пријател на луѓето, ама во мојата чудна Животија (името на мојата земја, патем) не сум ништо освен бушавкото од улица.

Ќе се запрашате, нели, што има куче да пишува! Па, тоа е само КУЧЕ! Но, луѓето, заборавија дека и јас и Клои и Ричи и Макс и Луна и Лале и Бруно имаме чувства, баш како нив!

Но, секако ова е само една епска басна за моите догодоштини со моите вистински најдобри пријатели, кои ќе ги откриете во текот на моите приказни…

Од каде да почнам? Хмм… има толку многу работи што доживеав… но, ајде ќе почнам да ви го претставувам Крле. По старост нешто помал од мене… но, уште се држи фраерот. Нема да му дадеш 40, а не 55 години. Му завидувам понекогаш, особено од како се фати со Пупи од спротивното маало… после тоа ја стерилизираа едни добри и фини антилопи… ми ги одземаа шансите кај Пупи, ама ако… им простувам… па, ако не се тие… нема да сме олку најадени… до душа понекогаш не’ носат и на ветеринар. Мене не успеаа да ме кастрираат, не им се дадов бидејќи ме фатија лошите волци кои ме однесоа на едно чудно место… но, сепак ме вратија онаму каде што припаѓам, нели… на улица.

И да… застанавме кај Крле… Крле е многу интересно куче. Слабичко, мешанец од хаска. Но, само очите му останале од таа раса. Името го добил по крлежите кои ги имал кога го однеле на ветеринар, повторно оние антилопички или нивни другари/другарки…

Откако го вратија Крле стерилизиран, се вративме и ние во живот.

‘Ебем ти живот кога тој кастриран успеа да се спанџа со фуфа како Пупи, а јас нестерилизиран НЕ! И иди не го пцуј кучешкиот живот… па, не оди нели? Чекај, ова требаше да биде басна со убав флоу… со убава приказна… со интересни ликови… а јас, за Пупи и Крле се фатив иако тоа беше пред 7 години, кога Крле беше во цутот на младост… а Пупи млада пресна детелинка. Ааах… Пупии… биваше ли со мојот најверен другар да се спанџаш?!

Оф, бе… е, сега и се изнервирав!

Е, судбино… кучко стара…

Ништо, ќе ви пишувам во наредна прилика… нешто повеќе од сега… но, сигурно не помалку…

Посетено 300 пати