ДВЕ ГОДИНИ ПОДОЦНА: Смртта на кучето Идриз е само груба слика на реалноста

До кога ќе трае ова лудило на убивање невини животни? До кога? Се уште се прашувам како и пред оние две години…

Кучето Идриз беше жртва на злосторничко убиство со умисла, предводена од „човекот чие име нејќам ни да го спомнам“ кој без трошка совест и размислување го масакрира бушавото куче.

Зошто? Зарем лаежот и невините крици за малку храна беа пресудни да му го одземеш животот? Зарем неговото бушаво крзно, зарем неговите невини и тажни очиња те предизвикуваа?

Имам милион прашања да му поставам очи во очи, да бидам толку многу гневна што ќе си дозволам до тој степен дури и да го опцујам. Но, дали тој „човек“ заслужува било каква комуникација, што да зборувам со човек кој е како камен, без чувства и емоции. Би било исто како да блеам во бел ѕид и да верглам едно де исто по сто пати. Не вреди ниту да го утепаш, кои сме па ние некому да судиме. Ќе лежиш ко за човек, не за друго. И тука уште повеќе ми се покрева револтот. Зошто не се лежи за убиство на животни? Зарем убиство не е убиство? Кои се тие различни параметри во законодавството?

Замислете да не постоеа закони ни за убиство врз човек, што ќе беше тогаш? Ќе колеа, ќе пустошеа и немаше да ја почуствуваат моќта на црната зандана. Зарем не мислите дека овој „човек“ не е спремен да убие и дете ако премногу плаче? Зарем не мислите дека не би убил и човек ако премногу го иритира? Би убил, но знае што го чека. А, сега што? Ќе се врати дома, ќе слуша пуцења, ќе почувствува плуканка врз неговото лице можеби, ќе потрае неколку недели, можеби месеци и толку.

Душата на Идриз ќе остане без правдата, душата на Идриз никогаш нема да биде спокојна. Душа е душа, во секоја од нив има вдахнато живот. Имал мајка и татко кои го створиле, го донеле на овој свет. Па, кои сме ние тоа да му го одземеме. Кои? Никој и ништо – обични смртници.

АПЕЛИРАМ конечно да се донесе одлука за Животинска Полиција конечно и кај нас, бидејќи ако во спротивно не се случи тоа, ниту едно животно нема да може слободно да шета ида битисува како што навистина треба секој еден живот. Ситуацијата е алармантна, никој не одговараше ниту за труењата, ниту за бесењето, ниту за иживувањето.

ДОСТА Е!

И никако не смее да помине со условна казна, или пак парична казна. Пријатели, парите се заработуваат. Ако денес не, утре пак ќе си ги поврати. КАЗНА ЗАТВОР! Тоа е она што ни е потребно.

НИЕ СМЕ ГЛАСОТ НА ЖИВОТНИТЕ, НИЕ СМЕ ОНИЕ КОИ МОРААТ ДА СЕ БОРАТ ЗА НИВНИТЕ ПРАВА И ИСТИТЕ ДА БИДАТ СПРОВЕДЕНИ СО ЗАКОН!

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 322 пати