За познаниците, пријателите, другарите
[fblike]
Треба да ги цицаш луѓето.
Како љубопитен вонземјанин
да им ги скенираш доблестите
и да им ја даунлодираш есенцијата.
Тие се туристи низ твојот живот
и повеќето се само на преминување.
Некогаш забораваат нешта во твоите сеќавања
или крадат мисли што мислат дека ќе им се најдат.
Градот расте и ти ги стеснува круговите
што животот ги разместува пред да ги растури.
Голема е веројатноста оние со кои си бил неразделен
со години, по разделбата да не ги сретнеш никогаш.
Премногу се даваше и се трошеше давајќи се,
пред да ја сфатиш минливоста и краткиот век.
Што е подобро, да си отворен и ранлив со верба
или како разлутен раненик преврзан со недоверба?
Оние неколкумина што останаа до крајот,
вдомени во срцето уште кога беше гостољубиво,
кои те толерираа зашто и самите не беа цвеќиња,
кои беа подобри од тебе кога не беше за мирисање,
оние доблесните да простат и да примат прошка,
сериозни мажи, кога не се понемирни од своите деца,
те крепат иако ги гледаш сè поретко и поретко
и по секоја средба се чувствуваш среќно и неугодно,
зашто не знаеш дали ќе ги видиш уште еднаш.
Посетено 760 пати