Старо купувам

[fblike]
Ќе се украсиш
со сите нишани на себе
косата спастрена
како свила растурена по плеќите
накарминисани усни
и очи обоени
образи нацрвени
како на млада невеста светнати
со жар кој ти тлее
во долниот дел од стомакот ти спие
и се разгорува
како огниште во зима
накитена во очите со ѕвезди
небаре небото си го ставила во себе
со чекор брз
иташ кон љубовта
и прескокнуваш сомнежи
како децата вирови од дожд што прескокнуваат
и си велиш
добро ќе е
се’ ќе биде добро, мора да е
го премолчуваш немирот
а говориш будалаштини
колку нешто да се каже
своја си
а толку далеку од себе
како некој друг во тебе да е
телото да ти го запоседнал
а ти немо гледаш
стуткана настрана
со грутка која ти горчи во грлото
и дланки во тупаници
иташ
по празни улици и жежок асфалт
и дур се разминуваш со старо купувам
се прашуваш со потсмев во умот
дал душата ќе ти ја купи
за полна рака ситни пари
Посетено 865 пати