Соба
[fblike]
Приквечерина.
Ми се смее кандилото,
додека те плетам од црешови гранчиња.
Мрморам.
Ми тонат уште еден пар очи,
во корито од алги и тиња.
Зајдисонце.
Надеж ‘рти од мовта на столбовите,
со нокти ја корнам. Крварам.
Како пеперутка се удирам по прозорците.
Светлината. Излезот.
Повторно ги барам.
Полноќ.
Во тунел темен како авет осамнувам.
Скршени светилки, а јас по срчи боса газам.
Молчам. Врескам оти знам.
Со очајот пак танцувам. И го бакнувам.
А толку многу го мразам.
По полноќ.
Старото огледало на рѓа ми мириса.
Музика од трулеж во кожа ми се впива.
Во железни ланци окована.
Се влече. Ја слушам.
Како гладен волк душава ми завива.
Пред зори.
Вратата шкрипи, се подотвора.
Ползам до прагот, лазам.
Облекувам чизми наполнети со каење.
Мислам. Не знам.
Чинам така утре полесно ќе газам.
Зора.
Ноќта папсана се повлекува и те остава.
Tе сплела во пајажината по ќошевите.
Те посадила во пукнатините од ѕидовите.
Зјапам немо. Во собава пак ќе преспиеш.
Ни вечерва не ги ожнеав посевите.
Утро.
Се туркаат облаците пред купатилото,
небото исчешлано моите чизми ги облекува.
Во очиве подуени ново сонце, нова сила.
Сигурна сум дека ноќва умрев. Но еве пак се раѓам.
И пожива никогаш не сум била.
[button color=”#000″ background=”#fff” size=”large” src=”http://majkatiitatkoti.com/prikaski-za-mali-deca/kalina-kosi-page/”]Можеби ќе ве интересира повеќе од истиот автор[/button]
Посетено 744 пати