Сашка Димитровска: Од мала сакам топка и сѐ што е поврзано со спортот!

Текстот е превземен од  .Фокус  

[fblike]


Емотивна и природна. Топла и секогаш насмеана. Убава и искрена. Така ја доживеавме нашата следна пријателка со која се дружевме во Скопје Сити Мол. Ги сака сите нешта што го красат животот, меѓу нив семејството и љубовта се на пиедестал. Сака да патува, сака фудбал и шопинг. Лојална и сензитивна, како и секој астролошки припадник на Раковите. Во улогите брилијантна, без разлика дали е на театарските штици, на филмското платно или во серија. Сашка Димитровска со нас во Скопје Сити Мол ги сподели спомените за детството, професијата, љубовта, семејството, но и очекувањата
.
Приказната за неа ја почнавме со сладолед во „Тренд“ во Скопје Сити Мол. Сензибилноста на Раковите се чувствува дури и во нејзиниот лик. За почеток, ја вративме во детството.

ФОКУС: Астролозите, родените во знакот на Рак ги карактеризираат како емотивни, кои се најсреќни и блескаат во миговите кога се грижат за некој што го сакаат. Дали и Сашка е таква?
ДИМИТРОВСКА: Овие карактеристики и тоа како се застапени во мојот карактер, исклучително лојална, сензитивна, огромно присуство на емпатија, трпеливоста не ми е многу силна страна, ама ги сакам и ги препознавам луѓето по енергијата, сакам да го препознам и будам доброто во нив, хуманоста и солидарноста зашто се од горенаведеното сум јас. Да сме сите вакви, не би барале друга планета за живеење.
ФОКУС: Верувате ли во астрологијата?
ДИМИТРОВСКА: Верувам во себе.

ФОКУС: Можевте да бидете спортист, благодарение на генетиката. Но, вие одбравте да бидете актерка. Што беше клучно за вашиот избор?
ДИМИТРОВСКА: Воопшто не беше тешко да се одлучам да бидам нешто што сум денес. Од многу мала сум пред ТВ камерите, радиодрамите што ги снимав на свои 8 години, и ден денес ги слушам. Некако природно беше да продолжам да се занимавам со уметност. Можеби пресуден беше моментот кога во втора година средно ми беше доделена улога во филмот „Ангели на отпад“ на Димитрија Османли. За сите беше нормална идејата да се запишам на ФДУ, само за моите родители тоа беше голем шок, а и тие имаа различни желби. Татко ми беше убеден дека ќе бидам професор по физичко или тренер, бидејќи учев во средното фискултурно училиште, мајка ми, пак, ме убедуваше да се запишам на Филолошки. Мојата желба беше толку голема, што не ни помислував на друга опција, во случај да не ме примат на ФДУ. Бев убедена дека јас сум родена да бидам актерка, па макар играла и во циркусот „Медрано“.

ФОКУС: Кои беа вашите сништа како дете? Што сакаше да биде Сашка кога ќе порасне?
ДИМИТРОВСКА: Како дете немав конкретно зацртани цели што сакам да бидам, но уживав да ги гледам касиерките како елегантно и учтиво, културно и ненаметливо им се обраќаат на луѓето. Долго време мислев дека ќе бидам касиерка. И ден денес уживам да ги гледам и им се восхитувам на тие госпоѓи.

Татко ѝ е легендата на фудбалскиот клуб Вардар. Сашка растела покрај топката што ја насочувал нејзиниот татко. Тој посакувал таа да стане негов наследник. Но, таа го следи само во навивањето за своите омилени фудбалски тимови. Од „Тренд“, одлучивме малку да прошетаме во Скопје Сити Мол. Додека ја разгледувавме богатата понуда на Фешн енд френдс, ги разбудивме спортските мигови во животот на Сашка.
 „Фешн енд френдс“ e бр. 1 концепт на мултибренд продавници на Балканот, сопственост на „Фешн компани“ од Белград. Овој бренд ги спојува едни од најголемите имиња на урбана облека, чевли и модни додатоци, како Replay, Miss Sixty, Killah, Energie, Guess, Fornarina, Camper, Cesare Paciotti, Scotch & Soda, Maison Scotch, Timberland, Desigual.
ФОКУС: Вашиот татко Кочо Димитровски е легендата на фудбалскиот клуб Вардар. Дали навивате за Вардар?
ДИМИТРОВСКА: Пих, па ние дома во Вардар се крстевме. Шегата на страна, последен пат бев горда на ФК Вардар и навивав на северната трибина (традиционално) на цел глас во 1999 год, кога мојот татко го водеше тој клуб и го освоивме купот. Денес не е тој Вардар за кој порано не сме јаделе со денови, сме плачеле ако изгуби. Денес не знам ниту едно име од тој клуб, додека порано од масери до секретари, за играчите и да не зборувам, сите сум ги знаела наизуст. Живеам за времето кога повторно ќе отидам на Градски, но овојпат со моите синови, да навивам од срце за клубот, кој го чувствувам како религија.

ФОКУС: Дали како дете го следевте својот татко на фудбалски натпревари?
ДИМИТРОВСКА: Апсолутно. Јас и ден денес кога поминувам од стадион, се вознемирувам, возбудата и тој адреналин, уште не ме напуштиле. Ако не одеше мајка ми со нас на натпревар, јас и сестра ми редовно бевме седнати на тревата пред атлетската патека од страната на јужна трибина. Со мајка ми одевме на северната трибина, жените и децата на фудбалерите беа во ложа, најгласни. Жените на фудбалерите, најдотерани и најубави. Беа тоа времиња на спокој и радост. По натпреварот се собираа сите фудбалери со жените кај нас дома. За да ја прослават победата. Мајка ми секогаш подготвуваше највкусни колачи и торти.
ФОКУС: Дали добро се снаоѓавте со топката како дете со вашата сестра Магдалена? Сакавте ли да играте фудбал заедно?
ДИМИТРОВСКА: Од мала сакам топка и сѐ што е поврзано со спортот затоа татко ми доживеа такво разочарување зашто не продолжив да се занимавам со спорт, а тренирав пливање и кошарка, и навистина добро ми одеше. Сестра ми отсекогаш сакала фини, нежни работи. Како кукли и креирање облека за истите. Таа беше баш женско. Јас дека бев долго време чекано машко дете, можеби затоа излегов ваква.

ФОКУС: Следите ли фудбал денес?
ДИМИТРОВСКА: Следам фудбал, само не мк-фудбал. Фан сум на Реал Мадрид и на Милан. И има причина зошто баш тие клубови. Омилените мои играчи играа баш во тие клубови. Зидан и Малдини. А Зидан е и тренер на Реал Мадрид, па еуфоријата е секогаш поголема и поприсутна.

Семејството за Раковите е посебно важно. Да, тоа го почувствуваме и во нејзиниот случај. Мајка, која грижливо и педантно ужива во детските мигови и го храни духот на своите дечиња. Но, во преданоста кон најмладите членови, не го запоставува и својот сопруг Дарко. Заедно уживаат често на патувањаМуабетот за патувањата, семејството и љубовта го споделивме, додека го разгледувавме трендот кој секогаш е актуелен – џинсот. Во моментов во Скопје Сити Мол актуелна е неделата на џинс, како дел од нивниот месец на модата.
ФОКУС: Вие сте мајка на две прекрасни деца, синовите Калин и Иан. Што најчесто ги советувате како мајка? Колку во нив препознавате дел до себе како дете?
ДИМИТРОВСКА: Хм,сфатив дека родителството е најтешката и најдобрата работа што ми се случила. Всушност, тоа е мојот најголем успех. На нашите деца сигурно нема да им биде всадено размислувањето дека парите се пресудно средство за успех и среќа. Факт е дека на секој чекор сме бомбардирани со глорификација на богатството како пресуден доказ на нечиј успех, а забораваме дека некои големи уметници на оваа планета умреле во сиромаштија, како Амадеус, Ван Гог… Притоа не се чувствувале неостварени. Можеби несфатени, но во секој случај слободни во изразувањето на своите видувања на вредностите. За денес да видиме дека со своите дела ја зграбиле или ја оствариле вечноста. Моите деца ги учам, пред сѐ, да бидат чесни, добри, вредни, ненаметливи, а упорни во остварувањето на својот сон, да го почитуваат туѓото мислење, а, сепак, да изградат свој здрав свет.
Јас се обидувам да им пружам детство како моето. Во ова лудо време ќе рече некој невозможно е, но ете ми успева. Кога ги гледам нив, како себе да се гледам. Ведри, здрави деца. Тие се најдоброто од мене.

ФОКУС: Вашиот син Калин од скоро ги следи вашите патеки. Го позајмува својот глас за една реклама. Покажува ли тој интерес за глумата?
ДИМИТРОВСКА: Калин е исклучително музикално талентирано дете, вели дека никогаш не би сакал да биде актер. Тој би сакал да биде капетан на брод. Хм, ама, па и јас сакав да бидам касиерка, нели. Има толку многу театар во него, што навистина би ми било криво ако не се занимава со уметност.
ФОКУС: Често патувате со семејството. Но, патувате и сама или во друштво на вашите колеги. Кое патување го паметите како посебно?
ДИМИТРОВСКА: Освен патувањето во Јужна Америка во Богота, кое беше катастрофално и прилично трауматично, сите патувања ми биле бајка. Градот што трипати сум го посетила е Париз, град во кој би можела да живеам. Сакам да живеам покрај вода, па како омилени што сум ги посетила ќе ги издвојам Барселона, Хамбург и Атина.

ФОКУС: Со патувањата одбележувате и убави јубилеи. Неодамна со патување во Германија одбележавте десет години брак. Чија беше идејата, ваша или на сопругот?
ДИМИТРОВСКА: Јас сум иницијаторот за шетање, но секогаш Дарко одлучува која земја ќе ја посетиме. Нам патувањата ни се одмор од секојдневните обврски. Уживаме четворицата да шетаме низ Европа, децата се мали, но разбрани и кротки, не се нервозни и напорни кога го правиме тоа, одиме по музеи, цркви изложби, запознавањето на другите култури е најголемото богатство.
ФОКУС: Која земја посакувате да ја видите, а досега не сте ја вклучиле во вашите патувања?
ДИМИТРОВСКА: Можеби Америка – Њујорк, Мајами, Лас Вегас, Хаваи.

ФОКУС: Како ја дефинирате љубовта? Што според вас е пресудно за пеперутките во стомакот?
ДИМИТРОВСКА: Љубовта е семејството, другарките, пријателите, фамилијата. Калин, Иан и Дарко се повеќе од љубов. Просто нема формула и дефиниција.

Како и секоја прекрасна дама, така и убавицата која сега нѐ дружеше во Скопје Сити Мол сака убави продавници и шопинг. Нашата прошетка со Сашка Димитровска низ Скопје Сити Мол ја продолживме во продавницата на Мона. Љубопитно го разгледуваме нивниот софистициран, елегантен и модерен концепт. Уживавме во боите со кои е изразена нивната најнова колекција.
ФОКУС: Во вашето портфолио има многу улоги. И во театарот, но и на филмското платно. Која улога сте ја доживеале како посебно значајна? Дали таа била пресудна во вашата актерска кариера?
ДИМИТРОВСКА: Ќе издвојам две улоги што ми се исклучително важни, драги и со посебни состојки се правени. Едната е Мадлен Бежар во претставата „Животот на Молиер“ и Славица Мирчевска во претставата „Говорна мана“. Со посебна радост ги играм овие две претстави.
ФОКУС: Последниов период во Македонија, телевизиските серии се хит. Публиката ги следи хипнотизирано. Вашиот глас е присутен во синхронизирањето на дел од нив. Но, сте имале можност да бидете дел и од серија во комплетна македонска продукција. Дали повторно би се нафатиле на таков проект? Дали би учествувале во македонска серија доколку ви понудат?

ДИМИТРОВСКА: Секако, доколку ми понудат добро сценарио со добар режисер. И притоа да не морам од дома да носам гардероба за серијата. Ако може.
ФОКУС: Како пријателите ја опишуваат и ја доживуваат Сашка?
ДИМИТРОВСКА: Сурово искрена девојка – жена, бескрајно верна на своите другарки.
ФОКУС: Посакувате ли да ви се случи Холивуд?
ДИМИТРОВСКА: Посакувам да ми се случи Европа.
ФОКУС: Каква е, всушност, Сашка, надвор од сцената? Што ја прави среќна?
ДИМИТРОВСКА: Слободоумна среќна жена. Среќна сум кога ги гледам децата како забрзано ми растат со сиот тој спокој што го носат, здрави, безгрижни и со толку многу љубов. Среќа е кога сме сите едно. Заедно.
ФОКУС: Дали сакате шопинг?
ДИМИТРОВСКА: Има ли жена што не сака шопинг? Не постои такво нешто, а и ако постои, тогаш таа сигурно е МАЖ!

Токму ова нѐ натера да сопреме малку со муабетот. На Сашка ѝ подаривме време за шопинг во Скопје Сити Мол. Ѝ посакавме успешна кариера, но и силна љубов во семејната атмосфера. Закажавме и ново дружење во Скопје Сити Мол. Дотогаш…

savatours-baner

Посетено 891 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!