Река од валканици

Ми ѕвонеле на врата деца кои барале што и да е; возрасни барале пари, стара облека, дотраени апарати; мајки и татковци со сомнителна медицинска документација ме убедувале дека некој во фамилија им е тешко болен, па затоа собираат донации во пари. Освен децата кои никогаш не одбиваат смоки, лижавче или чоколадце, сите останати одбивале да земат храна кога ќе им се понуди. „Не ни треба храна, топло е, да не се расипе“… знаеле да кажат.

Пред малку на врата ми заѕвоне жена со девојче. Сосем пристојна, скромна жена. Помислив влезот и станот го згрешила. Ја прашав „Кого барате?“ па се збунив кога ми рече: „Никого. Дојдов ако имаш храна да ми дадеш. Друго не ми треба. Обичен леб, било што за јадење. Детето ми е гладно.“ Се изненадив. Дури тогаш го погледнав девојчето, грицкаше парче ѓеврек, а жената во рацете држеше проѕирна кеса од локалната пекара во која беше остатокот од ѓевречето, едно јаболко и две пилешки супи. „Некој ѝ ги дал“, си помислив. Па се скршив во истиот момент. Да ми бараше пари, облека, чевли, ќе си мислев можеби ме лаже, парите наместо на детето, за себе ќе ги потроши, облеката и чевлите ќе ги продаде. Сешто нешто ќе си помислев. Ама вака, таа не ми остави простор било што друго да мислам. Па инстиктивно одбив мислите да си ги валкам со такви претпоставки. Едноставно затоа што никој до сега не ми барал само храна. Во вакви случаи знаеме униформно да лепиме исти валкани етикети, на пример, дека женава не е болна, здрава е ко дрен и може да работи, ама не сака, или дека е измамник кој изнудува храна, а после со неа прави така добар бизнис од препродажба што е дури и побогата од нас. И многу често паѓаме во искушение да си ги валкаме мислите со такви претпоставки. Така, само се слеваме како капка во реката од валканици во оваа земја кои ни излегуваат на секој чекор пред очи и поради кои несвесно дури и бедата почнавме да ја гледаме како кривично дело, а луѓето кои страдаат од неа како измамници. А вистинските измамници се оние во фотељите, кои ги гледаме насекаде, кои ги проектираме во сите околу нас, кои се должни, но не обезбедиле услови за достоинствен живот на сите. Нив треба да ги покажуваме со прст. Кај нив се средствата за достоинствениот живот, во нивните џебови се трупаат. Кај нив се валканиците, од нив извираат. Тие се врутокот на се што е валкано во оваа земја. А не мајката, и не девојчето кое има право како и сите останати дечиња да си ја задоволи гладта со ѓеврече, да изеде јаболко, да вкуси супа…

Човек не може, а да не си помисли: „До таму ли сме дошле? До толку ли сме напреднале? Кога тоа поминало времето на луѓето кои просеа по куќи и станови, а на кои им требаше сè, само храна не?“ Од „Не ни треба храна, топло е, да не се расипе“ сме се спуштиле на „Друго не ми треба. Обичен леб, било што за јадење“. Го гледаме ли тој пад? Ако си ги расчистиме мислите и разбистриме погледот од валканиците, ќе ја видиме вистинската слика на она што ни се случува… кристално чиста и јасна како бел ден!

Посетено 3.115 пати