Промоција на монографијата „Маестро Александар Џамбазов“

ЦЕМ, СОКОМ и Литература.мк ве покануваат
на промоција на монографијата
„МАЕСТРО АЛЕКСАНДАР ЏАМБАЗОВ
Живот низ сеќавања, афоризми, сентенции“
од музиколозите Јулијана Папазова и Елени Новаковска
aco-promocija_majkatiitatkoti
Книгата е во издание на Центарот за музикологија ЦЕМ, а е создадена по иницијатива на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ во чест на 80-годишнината од раѓањето на Александар Џамбазов.
Промоцијата ќе се одржи на 29 ноември 2016 (вторник) во 20 часот во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“ (спроти спомен-куќата на Мајка Тереза), а промотор на изданието ќе биде Бранка Костиќ-Марковиќ, уредник на Астрорум на Литература.мк
„Маестро Александар Џамбазов – Живот низ сеќавања, афоризми, сентенции“ е монографија посветена на животот и творештвото на знаменитиот македонски диригент и композитор Александар Џамбазов, но во исто време фрла светлина и врз културно-општествениот амбиент на повеќе периоди од македонската музичка историја. Книгата е резултат на едно совесно медијаторство спроведено од две авторки-музиколози кои низ портретирањето на една личност успешно ги проучуваат и музичките и социокултурните состојби во два различни историски периода: периодот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (ФНРЈ 1945-1963; СФРЈ, 1963-1991) и периодот на Република Македонија (од 1991 г.). Секако, притоа тие не го забораваат и фактот дека маестро Џамбазов своето рано детство го поминува во два други историски периода на Кралството Југославија и на Втората светска војна, што значи дека неговиот живот се протега низ неколку различни општествени уредувања. Ваквиот пристап на авторскиот тим овозможува подобро да се разберат музичките, културните и општествените состојби, развојот, проблемите или промени во изминативе шеесетина години.
Оваа ретка книга изобилува со разнороден материјал и добра систематизација на резултатите од различни методи на истражување. Сите поглавја се документаристички поткрепени со упати на извадоци од весници (дневни, неделни, месечни), архивски материјали (фотографии, партитури, лична архива на маестрото), интервјуа и лични искази на централната личност во книгата.
Сето тоа придонесува со сигурност да кажеме дека пред нас имаме една научно издржана, но и крајно интересна и популарна публикација за читање и препрочитување, книга што недвосмислено го збогатува нашиот книжевен свет.
Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во селото Стапар, Војводина. Тој е еден од најпознатите македонски композитори и диригенти. Музичкото образование го оформува во Скопје (основно и средно музичко училиште) и во Белград, каде што дипломира на тамошната Музичка академија во 1960 година. Работниот век го минува во Македонската радио-телевизија, најнапред како соработник во музичките редакции (1960-1964), а потоа како диригент на Танцовиот оркестар на чиешто место останува сè до крајот на неговиот работен век. Од оваа позиција неговото име се врзува со втемелувањето на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“, а ширината на радиусот на неговиот интерес придонесува да биде основоположник и на најпознатиот фестивал на детска песна во Македонија – „Златно славејче“. Во исто време, како активен проследувач и актер на музичките настани се впушта во широка музичко-општествена активност низ која остварува битно позитивно влијание врз развојот на музичката култура во сите нејзини облици во четирите последни децении од дваесеттиот век. Како диригент, Џамбазов извршил мисионерска улога во популаризацијата на музиката за танцов и ревиски оркестар, при што особени заслуги има за поттикот што со тоа го дава за овој вид творештво кај голем дел од помладите композитори. Тоа не е пречка да создаде респектабилен творечки опус во кој, освен популарните жанрови, има и дела од класичната музика што му припаѓаат на оркестарското, камерното и хорското творештво. Сето ова било валоризирано и низ многубројните признанија, меѓу кои се и највисоките државни („11 Октомври“ за животно дело, „13 Ноември“ и др.) и стручни награди.
Творештвото на Александар Џамбазов главно припаѓа на популарните жанрови. Повеќе од 40 години неговите композиции беа неодминлив дел на најпознатите македонски фестивали и фестивалите во поранешна Југославија. Одличната професионална подготовка стекната низ школувањето во Скопје и Белград и природната дарба му овозможија да остави голем број мелодии од кои некои се вбројуваат во евергрините на македонската популарна песна. Можеби и заради фактот што низ нив, некогаш директно, а некогаш како далечен одглас провејува карактерот на нашето музичко поднебје. Особено е значајно неговото творештво на полето на детската песна. Во првите петнаесетина години од постоењето на фестивалот „Златно славејче“ неговиот авторски придонес во програмата овозможи фестивалот да израсне во еден од најбитните фактори во музичкото воспитување и образование на најмладите. Некои од неговите песни со задоволство се слушани и денес. Во делот на класичната музика Џамбазов напишал неколку маркантни композиции, од кои една („Рапсодија за Скопје“ за пијано и симфониски оркестар) е добитник на највисоко признание на меѓународниот фестивал во „Кава де Тирени“ – Италија. Неговиот музички израз е умерен и се темели врз стилските карактеристики на минатите епохи, без навлегување во авангардните музички струења.
Посетено 325 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!