Последен ред

Театрите, операта и кината сериозно треба да подразмислат да ги прилагодат цените на нашиот животен стандард! Едно фамилијарно одење во театар 1.200 денари (4 карти х 300 денари). На премиера која никогаш не е под 500 денари, ретко кој може да си дозволи да отиде, оти отидоа 2.000 мкд минимум. За некого петина од плата. И десетина да е, многу е. Да потрошиш толку за едно искачање, за една ноќ, односно за саат до два задоволство (ако ти се погоди претставата по вкус) претерано е. Исто и за кино. Таму плус за пуканки ќе треба да дадеш уште барем 200. Среќа што во театар не даваат да се грицка… таму оди поарно наместо во кино, поевтино ќе поминеш!

1000 денари

Муабетов ми беше… Каде сме тргнале? Целта ни е да ја направиме културата и културните настани достапни до сите просечни граѓани на оваа држава или само до одредена малубројна елита? Познавам и такви кои по пет пати гледаат една иста претстава зошто далеку седеле, не ја чуле втората реченица, им се бендисува некој глумец или само сакаат да си ја покажат новата тоалета. Таму ако сте тргнале дечки, тогаш треба да си го знаете ова – дека не сте ни прочуени, ни популарни, ни обожувани, ни сакани од широките народни маси, туку само од една потесна елита. Вашите претстави ги прераскажуваат и цело време ви аплаудираат едни те исти луѓе чии лица вие не можете ни да ги препознаете затоа што очите ви се заслепени од рефлекторите кога се поклонувате пред нив по завршување на претставата… Моментално, токму тоа го правите… се поклонувате секогаш и повторно пред едни те исти луѓе, а си замислувате дека се поклонувате пред милион различни!
Помислете некогаш и на обичните смртници, на оние кои не можат да издвојат 1.200 денари за една ноќ зошто имаат детски усти за хранење, сметки за плаќање, лекови за купување… На оние кои никогаш не згазнале на црвениот тепих облечени во нова тоалета во МНТ на пример. Тие би се радувале и ако седат макар и во последниот ред, знаете. Со сите свои сетила би биле со вас… Од уста би ви ја прочитале втората реченица која не можат да ја чујат затоа што предалеку седат. Заслужуваат ли тие луѓе да се поклоните и пред нив? Размислете. Ако добро го направите тоа, можеби и ќе сфатите… тие баш и не седат толку многу далеку од вас…

595х90 px-01

Посетено 481 пати