Пеперутка!
Лошо ми тргна денот. Толку ме болеше глава сабајле, што морав на прво станување апче за глава да се напијам. Додека си правев кафе со уште неотворени очи, омилената шоља за кафе ми падна на плочки и се скрши. Пцуејќи, сеуште поспана и неосвестена, ги собирав парчињата и си викав – ајде, за арно нека е, мајка ми стално така вика, можеби навистина ќе ми тргне денот на поарно после ова. а лошо ко за беља тера. Изгорев една кошула што си ја купив пред само 2 месеца додека ја пеглав, затоа што ме мрзеше да почекам да се подолади пеглата, башка во меѓувреме со брат ми се срчкав по телефон, за еден стар спор околу дворно земјиште од малтене две педи. Не бива, реков. Баталив и чистење и пеглање, ѝ се јавив на другарка ми и си седнавме во пицерија на ручек. Мераци! Јас со нозете скрстени, други кафе ми варат и ми готват! Сон на секоја жена! Почна да ми се враќа расположението… И тогаш…
Во пицеријава влезе мајка која туркаше инвалидска количка. Во неа девојченце, околу 10-тина години. Келнерот тргна две од столчињата покрај една маса веднаш до нашата, за да направи место за количката, а мајката откако седна до неа испушти тешка воздишка од умор, едно „Уф!“ и се откина од устата. Си помина со раката преку челото, го соблече мантилот, се сврте накај малата и во истиот момент и се насмевна. Од каде таа сила за толку широка насмевка, се изненадив. Ми изгледаше дека жената ќе се онесвести од бледилото на испотеното лице, симпатично, иако ненашминкано, со косата фатена онака набрзина со пластична штипка. Сигурно немала време да се среди, си помислив. Тогаш се наведна и со рацете и ја крена едната нога на малата за да ѝ ја намести на потпирачите. Како да ме прободе нешто во скрстените нозе во тој момент, почувствував морници во колената. Нарачавме и јадевме заедно, јас со пријателката, таа со девојчето, нејзината ќерка најверојатно, затоа што постојано и се обраќаше со „Ајде миличка.“ Девојчето беше дотеранко, косата и беше целата собрана со шнолички пеперутки. Погледот и луташе, рачињата икривени во зглобовите над дланките исто така, единствено ми се причини дека нозете ниту еднаш не ги помрдна. Мајката ја ранеше стрпливо, залче по залче, од шишенце со цевка и даваше сокче, ја бришеше со марамче после секој залак. Не знам дали воопшто таа нешто касна, не забележав…
Некаде на средина, и јас се откажав. Ме притискаше нешто во градиве. Како место да не ме држеше. Откако влегоа, ми се чини дека воопшто не ги прекрстив нозете, ми се здрвија една врз друга. Како да ми беше срам да покажам живост пред очите на таа намачена жена. Си помислив на утринската главоболка и сфатив дека исчезнала, сфатив колку мала и минијатурна била мојата болка во споредба со нејзината. Скршената шоља кафе веќе не ми беше омилена. Не тагував повеќе по изгорената кошула. За двете педи двор воопшто не ми беше гајле. Се исчезна. Сето „лошо“ што ми се случи. Затоа што шамар ми удри, во лице ме плесна и освести сознанието дека имам нешто што девојчето немаше, а што вреди повеќе од сите шољи, кошули и дворови на овој свет – здравје со помош на кое можам сама со пријателка да си појдам на пица, нозе со помош на кои можам сама да си отидам до продавница за да си купам нова шоља за кафе, а имам и раце со помош на кои во бутик можам сама да си ја закопчам новата кошула додека ја пробувам…
Ако некогаш утре и вам на „лошо“ денот ви тргне, сетете се на девојчето со пеперутки во косата и сето „лошо“ веднаш ќе исчезне, ќе го цените и вреднувате повеќе она што животот ви го дал – слобода, да ги испружите крилата и да летате каде што ќе посакате. Сетете се на девојчето над кое животот фрлил мрежа и засекогаш ја заробил во неа, на малата Пеперутка која никогаш нема да може да ги рашири крилцата и да полета… чиешто лошо никогаш не исчезнува…
Посетено 4.531 пати