Одамна…

ана црвена

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Одамна не носам накит,
ниту шапки,
не носам високи потпетици,
ниту часовник не носам.
Очите ми се единствен украс,
црвена ја бојосав косата,
често боса шетам дур ми ѕемнат прстите на нозете,
а со времето расчистивме дека не си се допаѓаме.

Одамна не зборувам многу,
ниту гледам телевизија,
не читам весници,
ниту пак сакам да прераскажувам шеги.
Се’ што имам да кажам во погледот носам,
луѓето ги гледам за да ги видам,
читам меѓу редови и туѓи мисли,
ја зборувам вистината и тогаш кога ми носи бол.

Одамна го заклучив срцето,
како модерна блиндор врата со четири вртења на клучот…
Одамна насмевката ја ставам наутро и ја вадам навечер,
како секојдневен ритуал со шминкање…
Одамна плачам во себе,
небаре брана кај грлото имам ставено…
Одамна не знам што со сите овие чувства,
во кој подрум да ги ставам, за случајно да не затребаат…
Одамна името ми изгуби значење,
оти во моите три букви има еден цел шарен свет…

Одамна…. но, толку многу одамна…
што веќе не знам ни дали сум сонувала,
паметам дека имав крила,
со меки, нежни пердуви,
на допир воздушести,
како облаците да ти легнале на дланка,
како кога од милост душата ти се распаѓа,
мирисаа на чисто…на безгрешност и љубов…
но, тоа беше толку одамна….
што навистина не сум сигурна дали воопшто ги имав…

Одамна плешките ме болат…
ми крварат на исто место,
ми пулсираат раните,
душата чиниш низ нив ми излегува,
и некогаш, кога успевам да заспијам…
има утра…кога ми мириса на детство,
утра во кои на перницата ми спијат бели пердуви.

Посетено 8.791 пати