Новчаникот е наш
Со оние 50-80.000 евра колку што завршуваат
во џеб на еден турбо-фолк пејач за 2 часа,
во една помала општина можат…
– Да се стават повеќе корпи за отпадоци по улиците, за да се подобри хигиената.
– Да се купат нови масички и столчиња за дневниот престој во локалното училиште, за да не им се кине повеќе облеката на децата.
– Да се купи нов телевизор, табла и шах за трпезаријата во пензионерскиот дом, за да се израдуваат старите.
– Да се заменат искршените улични сијалички, за да се подобри безбедноста на граѓаните ноќе.
– Да се насадат цвеќенца во дворот на локалната болница, за да се разубави просторот за прошетка на пациентите.
– Да се стават повеќе клупи во локалниот парк, за да имаат граѓаните каде да си приседнат.
– Да се снабди локалната градинка со нови играчки, за да се израдуваат децата…
Ех, уште колку многу вакви ситни, слатки, но важни работи кои изнудуваат насмевки можат да се направат со тие средства, а во мисливе не сум потрошила ни 10.000 евра… Луѓе мои, државниот и општинските буџети не се ничија приватна своина, тоа се наши пари, наши! Зошто дозволуваме со наши пари да си прават што си сакаат? Тоа е исто како да си зел плата на први, си ја ставил во новчаник, а новчаникот си му го дал на непознат човек да располага со твоите пари. Не само што имаш право да знаеш што ќе прави со нив, туку и да те праша дали смее и отчет да ти даде на што ги потрошил.
Следниот пат, пред да почнеш да се жалиш и да кукаш дека некој има се, а ти ништо, стави си го прстот на чело, прашај се каде ти е новчаникот и кој во него ти брцка со рака!Новчаникот во нивниот џеб е наш! И се додека не сфатиме дека имаме право да знаеме што прават со него, тие ќе имаат се, а ние и понатаму вода во очи ќе си немаме! Дотогаш, сами сме си одговорни за бедата во која живееме и никој, апсолутно никој друг не ни е крив!