Некои приказни е подобро нераскажани да останат

neraskazani prikazni_majkatiitatkoti
Најтешки се нераскажаните приказни
тие најмногу болат
како онаа за тебе што во мене лежи
која одамна се токмам на хартија да ја ставам
еве ме…
со чаша бело вино
прашинки тивка музика
облечена во фустан
со високи потпетици
небаре тука си
до мене
небаре ме гледаш
со поглед вперен во накарминисаниве усни
и телово вкочането и исправено
погледот отсутен
сета сериозна
како којзнае за каде спремна
еве ме…
се обидувам да раскажам нешто
за двајца кои како да не ги познавам
па ја префрлувам косата од една на друга страна
го збрчкувам челото
ги гризам ноктите
до бол, до крв
дишам забрзано и плитко
како риба на суво
со гради кои со секој здив болат
ги стегам усните
лепливиот кармин на забите ми останува
како во живо месо да сум ги зарила
еве ме…
станувам
се тетеравам на потпетиците
боже, колку го мразам фустанов
и секој обид да те напишам
е само борба во себе
со себе
со крвави прсти и размачкани усни
растечена шминка и кловновско лице
скаменет полунасмев
стиснато срце
згужвани листови
празна постела и пробдеани ноќи
еве ме…
во када полна жешка вода
го одмивам лицето
телото
мислите
ги залекувам прстите
ги затворам очите
умот ми замолчува
црвенава грива ми плови
а кожата ми се смежуравува
станува нестварно бела
топла
а во мене уште е зима
еве ме…
со мисла
дека некои приказни
е подобро нераскажани да останат
како оваа, како нашата.
Посетено 1.777 пати