Неизречено

dlanki-pocetna_majkatiitatkoti
Знам едни луѓе брат… Немаат многу, ете, кожата на нив и некое парталче. Ама никогаш не се жалат. Срцето им е стално наместено на сакање. Сто пати ќе те прашаат како си. Како сте по дома. И у очи гледаат право брат, мислиш душата ти ја читаат со тие очиштата нивни благословени. Иди излажи ги. А бе едно црнилце да ти осетат, ќе те утепаат од гушкање. И со тие коравите раце ќе те фатат за рака, за лице… Ќе речеш – груби им се дланките, ама па никогаш не те допреле понежни. И насолзени ќе те гледаат, ко солзите твои да сакаат со ченгел да ти ги извлечат. И ќе те отворат ко капија за избеглици брат. И поплава после. Се ќе излезе од тебе, и црнила и отрови. И “ај ќе помине пиле” – ќе ти кажат стопати. И ќе плачат со тебе со едни бебешко-чисти солзи. И уште долго ќе те гушкаат и ќе те тешат. Ќе те стиснат за рамо. Они не знаат дека у ствари те крпат така. Убаво ќе те закрпат да не капеш веќе. После ќе ти изнабутаат во торба некои крушки, костени, тегла слатко од дуњи и ќе те испратат. Дур не станеш точка малечка на хоризонтот. Се вртиш по стопати а они се таму, ќе ти мафнат со едната рака а со другата си ги бришат солзите. Одиш со тежок чекор, додека се во тебе вришти – “Зошто си одам бе… Зошто си одам?”

Посетено 6.731 пати