Бог не штедел додека ја дарувал со облини

Убава, згодна..

Бог не штедел додека ја дарувал со облини, украс на секоја жена, ја дарувал со раскошот на животот исткајан во долгата коса, ги исцртал тие сензуални усни кои зреат како јадоди после дожд, на првите сончеви зраци и денот што се буди. Ја нацртал насмевката на тоа свиленкасто убаво мило лице. Чекори убавината низ животот со доза на самоувереност и сексапил, од кој аурата ја следи линијата на говорот на телото. Живее по правилата кои ги наметнало човештвото и силниот екслпицитен набој на самоувереност и непоколебливост пред светот….

Ноќи без крај… Сатенска постела, чаша шампањ и блескава насмевка на усните со црвен кармин. На телото светат милионските честички дијамнатска прашина и млеко за тело. Неговиот опоен мирис мами да се предаде човекот и да ги вкуси плодовите на тоа женско тело… Соба со поглед, од која запира здивот, јадоги, и поглед кој соблекува… На малото масиче, веднаш до креветот неколку банкноти, кои вредат исто колку и ноќта помината со воздишки и глума.

Ден обичен секојдневен… Во куќата само одбраните гости и некој попатен пријател. Девојката седната покрај базенот со поглед вперен во длабочината , не осмелувајќи се да го погледне славеникот.. Ја чува таа љубов скржаво од сите, ја чува во себе си , не и дава да диши, ја стиска толку силно, што чиниш модреат и белите дробови.. Се смешка сама со себе, погледнувајќи кон машката силуета… Милион пати и го украде здивот, а сега е блиску до неа…

Ситни чекори и насмевка која плени.. Да се предаде човекот, не ги чувствува погледите, не го допира пулсот на едно срце. Ја одбира неа. Го води инстинктот и нагонот за лов на свежо месо… Алфа мажјакот се пали на ниските страсти и се предава на сензуалноста. Сака да ја има и да ја оплоди расната убавица, да биде негова …

Се до оној миг, кога сатенот ќе ја повика назад во своја прегратка, се до оној миг кога банкнотите ќе и заиграат пред очи.. И се до оној миг кога од него ќе се засити …

Оставено женско срце, заглавено во меѓу световите со безброј прашања на усните, љубов заклетва носена низ дамарите и неспокој кој ќе живее…

Се до оној миг кога ќе заѕвони ѕвончето на животот… Стискан во срцето …

Оливера Ширговска

Посетено 203 пати